Заедничкиот кандидат за претседател, Стево Пендаровски, денеска беше во посета на Пробиштип и Карбинци, каде од жителите на овие општини побара масовна поддршка на 21 април и на 5 мај преку заокружување на бројот 3, за подобра иднина, за да не се дозволи враќање во минатото и времето на груевизмот. Другата опција, посочи Пендаровски, нема визија, сакаат само се што е добро направено за државата да го укинат, тие да се вратат на власт и само тие да живеат добро на сметка на другите граѓани.
– Ако некој сака да гласа за Гордана Сиљановска тоа значи трет мандат за Иванов. Името е различно, но политиките се исти. На 21 април и на 5 мај тоа нема да им го дозволиме туку ќе продолжиме Заедно напред кон интеграција во ЕУ и НАТО онаму каде припаѓаме, рече Пендаровски.
Патот по кој оди оваа Влада, рече Пендаровски, води кон развој, нови инвестиции, подобар стандард, поголеми плати и нови работни места, а сето тоа е поттик младите да останат дома.
Пендаровски повика на заедништво и сплотеност, бидејќи отворените перспективи кон ЕУ и НАТО, носат само добро за државата, за граѓаните, особено за младите. Патот е трасиран и нема враќање назад, порача Пендаровски.