Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
На средбата биле разменети мислења за севкупните состојби во Република Македонија и во регионот, како и за аспирациите на државата за членство во Европската Унија.
-Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија во изминатите две години донесе тешки одлуки за многу чувствителни прашања, вклучувајќи ја Преспанската спогодба со Република Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, и спроведе суштински и темелни реформи во многу клучни области, со што ја потврди својата посветеност на евроинтегративниот процес. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека Европскиот совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува 10-тата препорака на Европската комисија преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија – соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Почетокот на пристапните преговори, според претседателот Пендаровски, ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во Унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот.