Претседателот Стево Пендаровски за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
– Двајцата претседатели разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете држави. Претседателот Штајнмајер изрази најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница – се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Македонскиот претседател упатил благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција.
Претседателот Пендаровски нагласил дека градењето пријателски релации со Германија, основани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Македонија.
– Во тој контекст соговорниците разменија мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатираа дека почнувањето пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот. Соговорниците разменија мислења и информации за последните случувања во регионот на Западен Балкан – се наведува во соопштението.