Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Ламберто Заниер. На средбата се разговараше за ангажманот и поддршката на ОБСЕ за унапредување на меѓуетничките односи во земјава, во контекст на евро-атлантските интеграции на државата.
Претседателот истакна дека Република Северна Македонија е успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на толеранција и соработка меѓу различните етнички заедници.
Тој заблагодарувајќи се на комесарот Заниер за ангажманот и поддршката која ОБСЕ ја дава во унапредување на односите меѓу етничките заедници, нагласи дека во Македонија високо се цени поддршката што организацијата ја дава во повеќе области од интерес на напредокот на државата, особено во областа на владеење на правото.
Соговорниците разменија мислења за долгогодишната соработка со ОБСЕ и нивната поддршка на реформите, а беа разменети и мислења за севкупните состојби во државата.