Добрата вест е што заврши португалското претседателство во ЕУ, изјави претседателот, Стево Пендаровски, на новинарско прашање како ја коменира изјавата на португалската министерка, Ана Паула Закарија, дека „северномакедонскиот јазик бил дел од бугарскиот јазик“.
– Од историчари кои се бават со политика полоши се само политичари кои се обидуваат да толкуваат историски епохи. Јас навистина искрено жалам за погрешната изјава на португалската министерка која во суштина ги поткопа сите напори кои нејзиниот колега од истата влада, Да Силва, ги правеше месеци наназад за на крајот на тоа шестмесечно претседателство да излезе со одличен балансиран предлог кој водеше сметка за виталните интереси и на Северна Македонија и на Бугарија – рече Пендаровски.
Тој изрази надеж дека Словенија ќе продолжи долж истата патека со почитување на државните и националните интереси на двете држави.
– Добрата вест е што заврши португалското претседателство. Јас се надевам дека нашите пријатели од Словенија кои го преземаат кормилото на ЕУ следните шест месеци ќе продожат долж истата патека со полно уважување на виталните национални и државни интереси на двете страни инаку поинаку не може да се дојде до договор – рече Пендаровски.