Претседателот Стево Пендаровски вели дека евроатлантските интеграции и понатаму се клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западен Балкан Тој во обраќањето пред учесниците на дводневниот безбедносен форум што викендов се одржа во Охрид, порача дека по поканата за членство во Алијансата земјата неоспорно влегла во помирни води, но дека сме далеку од тоа да тврдиме дека предизвиците се зад нас.
– Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер-нападите, хибридните војни нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со т.н. нетрадиционални безбедносни закани што се високо на агендата на НАТО е заедничкото соочување со нив. Размената на информации и здружувањето на ресурсите на земјите-членки и на земјите-партнери можат само да придонесат за подобро справување со предизвиците – истакна претседателот Стево Пендаровски на форумот што се одржа викендов во Охрид.
Претседателот Пендаровски истакна и дека напредокот на Балканот во последната деценија е значаен и очигледен, но недостатоците во рамките на безбедноста и стабилноста во регионот остануваат проблематични.
На конференцијата зборуваше и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, која рече дека земјава успева во обидите да се решат долгогодишните прашања со соседите, ги спроведува потребните реформи, ги развива институциите, и тоа не само заради членство во ЕУ и НАТО, туку заради изградба на посигурно и побезбедно, попросперитетно општество.
– Има уште многу што треба да се направи, но минавте долг и напорен пат, и тоа за кратко време, што мора да се признае – изјави Брнс.
Странските дипломати на безбедносниот форум што се одржа во Охрид викендов, слично како и претседателот, посочија дека државата треба да ги исполни сите реформи што го кочат влезот во евроатлантските интеграции.