Не се преувеличување квалификациите што Зоран Заев често ги дава за улогата на Бојко Борисов и актуелната бугарска влада во последните две години, според кои бугарскиот премиер заедно со Ципрас ни помогнаа побрзо да се извлечеме од меѓународна изолација, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Бгнес“.
Тој вели дека експремиерот Никола Груевски, додека бил на власт, ја продолжил југословенската агресија против Бугарија.
-Јас навистина мислам дека со договорот за пријателство со Бугарија се ослободивме од тешкиот авторитарен режим од страна на Никола Груевски, што не беше само антизападен режим, но и антиалбански и антибугарски. Во тоа време сè што доаѓаше од Софија потсетуваше на најлошите времиња на комунизмот – вели Пендаровски.
Се надеваме дека ќе ја видиме Македонија и во НАТО и во Европската Унија. И на тоа работиме сите, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов по интервјуто на македонскиот претседател.
Според Борисов, оценката на Пендаровски за софиската политика кон Скопје е како највисока оценка од „Стандард енд пурс“.
Тој вели дека Бугарија ѝ помогнала на соседна Македонија.
-И самиот претседател призна дека Бугарија ја извлекла Северн Македонија од изолација. Вложивме големи напори за тоа – вели Борисов и му се заблагодари на Пендаровски за неговата изјава.
Борисов ја направи споредбата со „Стандард енд пурс“, кредитна агенција која деновиве го крена кредитниот рејтинг на Бугарија, кој во моментов е највисок меѓу балканските земји.