ИСТРАЖУВАЊЕ ВО ПЕТ ЗЕМЈИ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ И ЗЕМЈИ-КАНДИДАТКИ ЗА ЧЛЕНСТВО
И покрај различните општествeни појави и предизвици во државите, причините за незаинтересираност за изборните процеси во сите земји се речиси исти. Кои се причините за незаинтересираноста и апатијата кај младите во Македонија
Резултатите од истражувањето во рамките на европски проект, во кој се вклучени пет европски држави, како членки на ЕУ така и земји што имаат аспирации да станат дел од Унијата, укажуваат дека паѓа интересот на Македонците, особено на младите до 33 години за изборните процеси. Меѓу другото, истражувањето покажало дека македонскиот пад на интересот за избори е дел од трендот и во другите европски држави, каде што исто така сѐ помaлку граѓани излегуваат на гласање и во земјите-членки на Европската Унија. Во Германија и во Италија одзивот на изборите е паднат на 50-60 проценти, но, сепак, забелешката е дека падот на интересот за изборите во Македонија и во Албанија е подраматичен, односно гласа 40-50 отсто од избирачкото тело. Но интересно е тоа што, и покрај различните општествeни појави и предизвици во државите, причините за незаинтересираност за изборните процеси што ги навеле испитаниците во сите земји се исти.
– Корумпирани влади, незаинтересираност за граѓаните од страна на владите, како и нерегуларности при гласањето – тоа се најчесто причините. Тие се некои од најбитните работи што ги издвоивме, зашто граѓаните не излегуваат да гласаат – вели Милчо Дули од НВО Сфера-Битола, која била дел од истражувањето.
Сепак, кога станува збор за Македонија, карактеристична е констатацијата во истражувањето дека особено кај младите до 33 години е констатиран забележителен пад на интересот за избори. Од Државната изборна комисија велат дека водат статистика за одзивот според некакви возрасни категории, но ако се земат предвид резултатите на европското истражување, тоа укажува на голем пресврт во интересот на младите граѓани да бидат движечка сила на промените во општеството. Имено, последните промени на политички план во македонското општество започнаа токму со масовните протести на средношколците и студентите, на кои потоа се придружија и тогаш опозициските политички партии. Всушност, во 30-годишната демократска понова историја на Македонија повеќепати се случиле пресвртни политички моменти што започнале како младинска реакција.
– На прв поглед, феноменот е интересен: од една страна, незаинтересираност кај помладата генерација да се излезе на избори и, од друга страна, нагласено политичко незадоволство, изразено на повеќе начини (вклучувајќи и демонстрации), што би требало да оди во прилог да излегуваат на изборите, за да можат да ги остварат своите едукативни, политички, економски или социјални интереси. Причините за овој феномен може да бидат многубројни. Прво, одбивањето да се излезе на избори може да е резултат на нивната резигнираност, бидејќи досегашните искуства покажуваат дека ништо (или речиси ништо) од она што било ветено од политичките партии не било остварено. Тогаш, младиот човек со право може да си го постави прашањето која е смислата да се оди на избори. Второ, неизлегувањето на избори може да биде израз на нивниот посреден бунт, односно порака дека не им се оди на избори, оти нема што вистински да избираат и дека веќе вакви партии и вакви политичари не им се потребни. Значи, во овој случај, не би се работело за резигнираност, туку за посреден протест, кој може (со време) да прерасне во отворен протест. Трето, неизлегувањето на избори би можело да се протолкува како порака до властите дека младите веќе својата иднина не ја гледаат во оваа држава (Република Македонија), туку надвор од неа, па и зошто, во тој случај, би оделе на избори, кога решението го гледаат надвор? Можна е, се разбира, и комбинација на сите претходни причини – вели Љубомир Цуцулоски, универзитетски професор по филозофија.
Од една страна, разочараноста на младите од неисполнетите очекувања на политичарите, но од друга страна, пак, и конформизмот кај оние млади што успеале својот младешки бунт да го валоризираат влегувајќи во естаблишментот може да бидат двете страни од паричката на потисната енергија на младите да бидат носители на општествените промени, или барем да го искажат својот став на изборите.
– Во партизирана хибридна демократија, партиите најчесто се тие што ги менаџираат политичките иницијативи и процеси, па дури и да не се организатори во сенка на некакви младински протести, дури и иницијативата да е автентична младинска, партиите брзо успеваат да го корумпираат тој младински потенцијал. Уште и кога нема да се забележат некои промени во општеството, младите брзо се разочаруваат и почнуваат да сфаќаат дека секоја младинска иницијатива надвор од партиските структури е залудна. Партиите многу брзо успеваат да ја потиснат таа младинска енергија што ја имаат луѓе од 18 до 33 години, кога размислуваат дека со искажување на таа енергија нема што да загубат, туку можат само да добијат. Од друга страна, ги гледаат и оние нивни „соборци“ што брзо се приспособуваат на системот, а не ја гледаат длабочината на промените и тоа води кон очекувано разочарување и незаинтересираност, меѓу другото, и за изборните процеси – вели социологот Илија Ацески.
За добиените резултати од истражувањето е издадена публикација со препораки што ќе бидат испратени до ЕУ и владите на државите-учеснички во проектот. Во нив се наведува дека медиумите и граѓанскиот сектор може да одиграат значајна улога за едукација на младите дека со својот глас на избори може да влијаат при донесување важни одлуки.