Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија има договори за стратегиско партнерство со САД и со Турција. Актуелната здравствена криза бара брз одговор и затоа помошта од стратегиските партнери би била и повеќе од потребна, но дали и колку таа се користи и како функционираат овие договори во актуелните услови

ПАНДЕМИЈАТА НАМЕТНА НОВИ ГЛОБАЛНИ ПРАВИЛА НА ОДНЕСУВАЊЕ

Македонија има потпишано Договор за стратегиско партнерство со Турција и Декларација за стратегиска соработка со САД, па она што се наметнува како дилема е каде се и дали помагаат стратегиските партнери во целата ситуација со недостигот од вакцини во земјава, но и дали земјава се обратила до нив за помош.
Досега ова партнерство се користеше само за донација на техничка опрема, борбени возила, соработка во областа на одбраната, културата, образованието и слично, но актуелната здравствена криза бара брз одговор и затоа помошта од стратегиските партнери би била и повеќе од потребна.
Имено,Турција неодамна потпиша договор со Рускиот фонд за директни инвестиции за производство на руската вакцина „спутник 5“, а веќе е почнат и трансферот на технологијата во турските производствени погони, така што многу скоро оваа земја би почнала со масовно производство на вакцината.
Токму тука е шансата Македонија да се повика на стратегиското партнерство со Турција и да се најде на листата меѓу првите земји што ќе ја добијат вакцината, наместо да чека со месеци зад сите други.

Слична е состојбата и со САД, каде што преку стратегиската соработка би можел да се издејствува директен контакт со американскиот производител „Фајзер“ и да се набават вакцините, без оглед што земјава е мал пазар и ваквите компании договараат зделки обично со поголеми пазари.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека договорите за стратегиско партнерство не обврзуваат никого дека мора да ни помага, туку станува збор повеќе за декларативни документи, кои не содржат прецизни механизми за начините и сферите на соработка.
– Овие договори повеќе се рамковни и на оперативно ниво немаат развиено некаков механизам. На пример, „Ковакс“ има цел инструмент развиен со протоколи и процедури, но, еве, и тој не функционира – вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Според него, Договорот со Турција и Декларацијата за стратегиска соработка со САД се повеќе декларативни.
– Овие документи се на нивото, еве, ние ќе ве поддржуваме, ќе ви ја гарантираме безбедноста, ќе има воена размена, опрема и слично. Детали нема, а да се повикуваш на некаков декларативен документ кога ти се брза, мислам дека и нема некаква смисла – појаснува Трошановски.
Тој не исклучува документите да содржат некакви детали за поддршка во некаква кризна ситуација, но сето тоа е начелно.

Со ваквата констатација се согласува и Огнен Малевски, дипломат и поранешен амбасадор, кој вели дека во моментот секоја земја гледа најпрво да обезбеди вакцини за сопственото население, занемарувајќи го стратегиското партнерство во вакви специфични ситуации.
– Стратегиското партнерство повеќе е декларативно. Во таквите договори има повеќе политичка тежина, не и конкретни точки, бидејќи не е специфицирано околу кои точно прашања ќе се однесува тој документ, туку се зема генерално, соработка во безбедноста, економијата, образованието. Сето ова не е во детали разработено, туку е повеќе израз на желба за блиска меѓусебна соработка. Секако, има и специфична тежина, бидејќи не секоја земја е стратегиски партнер – вели Малевски.
Според него, сега станува збор за специфична ситуација во светот и приоритет на секоја земја е заштита на сопственото население.
– Ова сега е специфична ситуација, која покажа дека секој го става приоритетот на сопствена страна. Претпоставувам дека дипломатијата прави напори да се обезбедат вакцините, но ситуацијата е многу специфична и не знам колку ќе успееме. Проблемот е глобален и не може да се реши со индивидуални акции. Требаше да има глобален одговор на пандемијата, но се создаде една ваква ситуација буквално да се спасува кој може. Тоа е особено тешко за земја како Македонија, ниту е голема, ниту економски јака, така што ќе мора да се снаоѓаме – категоричен е Малевски.
Тој уште додава дека Македонија не е голема земја и ќе мора да ги активира сите ресурси за да дојде до вакцини.

– Ќе треба интензивно да се работи на сите полиња, политиката цело време е вмешана во целата работа и сега има натпревар во светот, кој повеќе вакцини да набави, чија вакцина е подобра, кој повеќе вакцинирал, така што ние во светски рамки сме мал играч – констатира Малевски.
Во меѓувреме, „Нова Македонија“ се обиде да добие одговор од Министерството за надворешни работи дали е направен обид преку овие договори за стратегиско партнерство со САД и со Турција да се издејствува набавка на дел од вакцините против ковид-19, но оттаму засега се без конкретен одговор. С.Т.