Она на што најмногу повикува и меѓународната заедница е да се одвои партијата од
државата. Кај нас се чини дека со децении толкувањето и практикувањето на власта подразбираат токму узурпација на државните институции за партиски цели!?
Генерички најважната реформа на која посочи Прибе не е ниту загатната
Речиси три децении државата не успеа да ги одвои државните институции од влијанијата на партиите што се на власт. Граѓаните од поодамна чувствуваат како државните институции речиси без исклучоци се користат за партиски цели наместо тие да бидат сервис за граѓаните, а нивното функционирање да биде одраз на државните политики, стратегии и интерес.
Низа примери кога во јавни институции се ажурира партиско членство, се раководи со изборни активности,се координираат партиски задачи
Веќе не зачудува што кај нас често се случува во разни државни институции да се ажурира партиско членство, од нив се раководи со изборни активности, се координираат разни партиски директиви, се слават родендени, а најмалку од сè се спроведуваат политики што се од интерес и во функција на граѓаните.
Не толку одамна раководството на ДУИ му прославуваше роденден на својот партиски лидер во просториите на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, што претставува класична злоупотреба на државните институции за приватни цели.
Најновиот пример доаѓа од МВР, каде што заменик-министерот за внатрешни работи во својот кабинет прими признание од ОВК, кое нема никаква врска со државата, а уште помалку е од интерес на македонските граѓани.
Во случајов не се спори што заменик-министерот примил признание од ОВК, туку проблем е што ваквиот индивидуален чин се одвива во државна институција во која не треба да има место за партиски активности.
Она на што најмногу и меѓународната заедница ѝ забележува на земјава е тоа што не може да се одвои партијата од државата, во која практикувањето на власта најчесто се користи за узурпација на државните институции за партиски цели.
– Власта кога ќе се освои кај нас, според толкувањето на носителите, ги носи сите привилегии и врз таа основа институционалното станува и приватно. Според нивното однесување и уверување, излегува сосема природно дека тие можат од државна институција да си честитаат родендени на пријатели, да си прославуваат разни поводи, да си ги употребуваат вкупните капацитети и за партиски и за роднински и за пријателски потреби и овој процес кај нас во Македонија е неминовен – вели универзитетскиот професор Живко Андревски, притоа потсетувајќи дека вакви пројави има и во другите балкански држави.
Прибе алармираше на овој проблем, посочувајќи дека тоа е најсуштинската реформа
Универзитетскиот професор Живко Андревски додава дека институционалната моќ и средства се користат во еден дел за тој тип однесување, за задоволување лични и партиски интереси, изигрување хуманост и дарежливост.
– Таквата злоупотреба е неприфатлива и штетна. Ние се испотепавме да докажеме што е судир на интереси. Има теорија за судир на интереси, има Закон за судир на интереси, има толкување за судир на интереси, има потреба од волја за недоаѓање во ситуација на доаѓање во судир на интереси и корупција, значи има цела скала на нешта што се познати работи. Тоа е одраз на развојот на нашето општество, што не стигнало до таму точно да се знае дека кога влегуваш во институција ти првенствено сносиш одговорност за обврските што ги имаш, а постепено за привилегии што можеш, но не смееш да ги користиш – појаснува Андревски.
Според него, првенствена обврска на оној што влегол во државна институција е да се бори за општото добро.
– Негова првенствена обврска е да ги исполнува обврските што ги има, да работи за општо добро, да почитува вкупен правен систем и поредок и етиката да ја активира на највисоко ниво. Носителот треба да ја унапредува институцијата, а не да ја дезавуира и злоупотребува – истакнува Андревски.
За Солза Грчева, политичка аналитичарка, нема надеж дека во скоро време нешто позитивно ќе се случи на полето на одвојување на партијата од државата.
– Двете најголеми партии во земјава немаат намера да отстапат од таа матрица на делење на институциите бидејќи токму таа матрица ги одржува. Едноставно партијата не може да се одвои од државата. И Прибе алармираше на овој проблем, посочувајќи дека тоа е генерички најважна реформа. Додека таа не се направи, не треба ништо да очекуваме од партизираните институции – вели Грчева.
Според неа, ништо повеќе не е за изненадување, ниту доделувањето на признанието на ОВК на заменик-министерот за внатрешни, ниту врзаните потписи во ДЗС, ниту паралелната власт на Артан Груби.
– Со ова тенко собраниско мнозинство допрва ќе гледаме такви изливи на узурпација на институциите. Кој дојде на власт, едноставно узурпира. Во земјава практично владее еднопартиски систем. Ова ми е реминисценција на југословенскиот систем, со таа разлика што тој систем функционираше, а сега немаме систем – смета Грчева.