Потребата од постоење на парламентарен етички кодекс и негова жива практична примена го наметнува и прашањето за неговото влијание во ефектите и ефикасноста на работата на Собранието
Реафирмирање на достоинството и угледот на законодавниот дом и пратениците
Секој обид во една реченица да се сместат политиката и етиката, со амбиција да се пронајдат или постават законитости на заедничко содејство, обично предизвикува сомничава резервираност речиси кај секој информиран читател. Практикувањето на политиката во Македонија (можеби уште повеќе на глобален план), во јавноста создало перцепција за контрадикторност на овие поими во општествената реалност. И покрај таквата раширена перцепција, кај учесниците во политичките процеси и понатаму сѐ уште е присутна свеста дека политичкото дејствување, сепак, мора да биде сообразено со одредени етички норми. Во таков актуелен општествен контекст, собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања одржа расправа за спроведување на кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија и упатство за примена на кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија во првото тримесечје од 2021 година.
– Целта на кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието е зачувување и афирмирање на достоинството и угледот на Собранието и пратениците. Овој кодекс има цел да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт – се наведува уште во првите одредби на актуелниот собраниски етички кодекс.
Контрадикторноста меѓу свеста за потребата од постоење на парламентарен етички кодекс и неговата практична примена го наметнува и прашањето за неговото влијание во ефектите и ефикасноста на работата на Собранието.
– Сите тие формати на предавања, семинари, кодекси што апелираат на етичкиот потенцијал на пратениците во Собранието ги имало речиси во сите парламентарни состави. Секако, нема штета од поттикнување (и потсетување) на морално-етичкиот момент во политичкото дејствување, и добро е и понатаму да го има во македонското собрание. Не се сомневам дека таквите етички кодекси и формати од видот на „Жан Моне“ се правени според теркот на демократските парламенти со најголема традиција. Исто така, не се сомневам дека пратениците како индивидуални личности поседуваат високи морални и етички квалитети.
Но, исто така, се чини дека во сите парламентарни состави не може да се надмине состојбата етиката на пратениците да биде диктирана од етиката на партијата. Во своето пратеничко дејствување, пратениците повеќе се водат според тоа како ќе им издиктираат партиите, отколку што се водат според личната етика. Носењето закони по брза постапка и честото посегнување по европското знаменце никако не се наведени и не се во согласност со етичкиот кодекс, но станаа речиси вообичаена практика во изминативе три-четири години. Однесувањето на мнозинството во Собранието, кое е на работ на одржливост, како да е составено од стотина пратеници, тешко дека е етички прифатливо. И по сите тренинзи, собири, кодекси, однесувањето на парламентарците во македонското собрание во одредени поретки мигови е етичко, но почесто е етика под партиски диктат – оценува политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Александар Пандов.
Првиот претседател на Собранието од независноста на Македонија, Стојан Андов, потсетува дека многу етички кодекси биле потпишани во овие триесетина години парламентаризам во земјава, но нивниот ефект тешко се задржува под притисок на објективните околности.
– Обично под влијание на странците, уште од 1996 година почнаа да ни се поднесуваат такви кодекси за етичко однесување во Собранието. И оттогаш којзнае колку кодекси се потпишани, но практиката покажува дека нивниот ефект е со многу ограничено временско дејство. Можеби во првите еден-два месеца по донесувањето на кодексот пратениците настојуваат да се придржуваат во однесувањето на седниците според упатствата во кодексот, но многу брзо објективните околности наметнуваат однесување според актуелните политички интереси на партиите чии претставници се. Сепак, неетички е да се опструира на каков било начин потребата од постоење на етички кодекс.
Нема штета од нов, иако можеби нема веднаш да ја промени зачестената практика од блокирање на носење закони со илјадници непродуктивни амандмани, или носење закони по брза постапка. И покрај притисокот на политичките интереси, мора редовно да се потсетува на етиката во политиката и на потпишаните етички кодекси во Собранието. За таа цел, голема е и улогата на медиумите, кои почесто треба да потсетуваат на постоењето на етичкиот кодекс – вели првиот спикер на македонското собрание, Стојан Андов.