НОВИОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ СО ПРОСЕЧНА ВОЗРАСТ ОД 45 ГОДИНИ
Во новиот парламентарен состав има и доволно младешка енергија, но и доволно искуство за ефикасно работење на парламентот и за носење на клучните реформски закони. Тоа што е пресудно е да не се губат залудно време и енергија во празни, јалови полемики и политички надмудрувања, туку новиот собраниски состав ефикасно да работи во интерес на граѓаните и на државата. Политичките аналитичари имаат интересни анализи и очекувања во однос на работата на новиот парламент
Со просечна старост на новиот парламентарен состав од 45 години, Македонија влегува во нова фаза во која очекува да ги започне преговорите за членство во Европската Унија, но истовремено да ги спроведе и неопходните реформи во земјата.
На предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули, коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА.
Старосната структура на новите 120 народни избраници е 45 години во просек. Гледано по возраст, 16 од новите пратеници имаат помеѓу 23 и 35 години, при што најмлада пратеничка е 23-годишната Артина Ќазими студентка од гостиварски Добри Дол, кандидирана од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Најстари пратеници во новиот собраниски состав со по 72 години се Стојан Миланов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Николовски од коалицијата на СДСМ.
Гледано и според бројот на нови пратеници што првпат седнуваат во собраниските клупи, парламентот е мошне нов, бидејќи само 28 пратеници се од стариот состав, но веројатно и овој однос ќе се промени бидејќи откако ќе се формира Владата, дел од пратениците од законодавната ќе се преселат во извршната власт.
Тројца пратеници од овој состав го почнуваат седмиот мандат во Собранието, Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ.
Она што се наметнува како дилема е дали младоста ќе донесе нова енергија во работата на парламентот или, пак, искуството е она што ќе биде пресудно при носењето на клучните реформски закони.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски смета дека пресудни во работата на новиот парламентарен состав ќе бидат ставовите на лидерите.
– Она што ќе биде пресудно во работата на новото собрание нема да биде ниту младоста, ниту, пак, искуството, туку ставовите на лидерите бидејќи ние немаме пратеници, туку платеници. Тие не ќе можат ништо самостојно да направат ако не добијат виза од централното раководство – вели Кекеновски.
Според него, ниту младоста не е голема предност на овој парламентарен состав.
– Има доста млади во овој состав. За мене е незамисливо во парламент да влегува студент што зад себе нема никакво искуство. Не може некој со 23 години без искуство да гласа за реформски закони, да креира државни политики… Не сакам никого да омаловажам, меѓутоа потребни се искуство, ум, знаење. Не без причини во САД има ограничување на возраста на луѓето што можат да станат конгресмени – нагласува Кекеновски.
Коментирајќи го седмиот мандат на некои од пратениците, тој истакнува дека од таквите политичари не треба да очекуваме ништо.
– Политичарите што сега го тераат седмиот мандат во Собранието цел живот само се шлепувале зад големите партии. Секогаш биле сервилни, а што направиле за државата, ништо, една голема нула – констатира Кекеновски.
За политичкиот аналитичар Владимир Божиновски не се пресудни ниту младоста, ниту искуството кај новите пратеници.
– Клучно е колку некој знае и колку сака да работи, односно колку новите пратеници се подготвени да дадат свој придонес во унапредување на процесите во државата. Генерално, во нашиот парламент низ годините пратениците ретко излегуваат со свои иницијативи, туку парламентот повеќе служи како инструмент за собирање мнозинство што ги гласа законите што ги предлага власта – вели Божиновски.
Тој додава дека кој и да формира влада во следниот период таа ќе биде со тенко мнозинство, што ќе влијае врз однесувањето на пратениците.
– Кога имаш тенко мнозинство, тогаш и пратениците ќе се однесуваат резервирано и ќе ги слушаат директивите од централата. Со евентуална концентрациона влада, која би била стабилна, тогаш е можно пратениците, особено младите, да излегуваат со повеќе иницијативи сакајќи да се докажат и наметнат – истакнува Божиновски.
Според него, пратениците што се повеќе мандати во парламентот можат да бидат полезни поради своето искуство, но само доколку работеле вредно и придонеле и продолжуваат да придонесуваат за развојот на државата.