Партиите финансирани од странство дејствуваат спротивно на демократијата и на уставниот поредок на земјата. Доколку некоја македонска партија е финансирана од странство, тоа е во спротивност на интересот на државата и народот, бидејќи ваквата партија нема да ја отслика волјата на своите гласачи, туку на нејзините финансиери, тврдат аналитичарите
Лидерот на албанската политичка партија ДПА, Мендух Тачи, неделава во телевизиско обраќање изнесе едно многу индикативно тврдење во јавноста, дека „во Македонија постојат партии што се финансираат од странски пари“.
Оваа изјава на лидерот на ДПА, кого го сметаат за сериозен и искусен политичар, предизвика загриженост, но и сомневања дека одредени политички сили во земјата се менаџираат и моделираат од странски центри на моќ. Следствено на тоа, ги спроведуваат политиките на таквите надворешни политичко-економски и безбедносни центри, игнорирајќи ги волјата и интересите на граѓаните и на избирачите.
Конкретно, Тачи во својата изјава истакна дека партијата Алтернатива на Африм Гаши се финансира од сомнителни извори, „нешто од Турција, нешто од Иран“.
– Анализирајте ги прстените што ги носат луѓето во Алтернатива. Тие се како прстенот на убиениот Касем Сулејмани од Иран – изјави Тачи и напомена дека државата е нема во однос на начинот на финансирање на Алтернатива.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е и фактот дека во минатото, за времето на плурализмот, низ медиумите беа регистрирани одредени примери во кои партиите и политичарите меѓу себе се обвинуваат дека се финансирани од странски држави, па дури и случаи во кои филијали на странски партии беа најавувани од моќни светски државници дека ќе профункционираат во македонската политика.
Од друга страна, според Законот за финансирање на политичките партии, ваквиот прилив на пари на партиите е недозволив во Македонија, бидејќи во членот 20 од овој правен акт пишува дека „политичките партии не може да се финансираат од влади, меѓународни институции, органи и организации на странски држави и други странски лица“.
Во своја анализа на темава „Нова Македонија“ го истражува овој феномен и побара ставови од државни институции и видни експерти што ја следат оваа проблематика.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, вели дека не е запознаен со актуелните случувања и истакнува дека институцијата што ја претставува единствено е надлежна да ги исплаќа медиумските кампањи на партиите за време на изборите, а контролата во делот на тоа како се финансираат партиите и од каде пристигнуваат нивните финансии ја вршат други државни институции, како Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Мијалче Дургутов oд Државниот завод за ревизија вели дека Законот за финансирање на политичките партии во членот 15 став 6, но и во членот 20, точно и децидно забранува странско финансирање политички партии.
– Доколку ДЗР при вршењето ревизија на работењето на политичките партии утврди дека имало незаконско финансирање на партијата, истото тоа се пишува во ревизорскиот извештај како ревизорски наод и се дава ревизорска препорака како да се постапи во конкретната ситуација – вели Дургутов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека иако во земјата постојат закони што ги регулираат овие области, сепак тие можеби не се применуваат најдобро, бидејќи очигледно ваквото дејствување не е искоренето.
Пекевски објаснува дека доколку некоја македонска партија е финансирана од странство, тоа е во спротивност од интересот на државата и народот, бидејќи ваквата партија најверојатно нема да ја отслика волјата на своите гласачи, туку на нејзините финансиери.
– Овој начин на финансирање на партиите, доколку постои, е штетен за државата и за нашите државни интереси, бидејќи не гледам логика зошто странец, странска држава или надворешна институција би финансирала политички субјект во земјата освен ако не сака на овој начин да се влијае однадвор на политичките и економските односи во земјата – вели Пекевски.
Според него, овие партии финансирани од странство дејствуваат спротивно на демократијата и на уставниот поредок на земјата.
Пекевски советува дека, доколку институциите успеат да докажат дека партиите навистина на претстојните избори се финансираат на ваков начин од странство, тогаш тие треба да се забранат, а истовремено политичарите што се нивни претставници да бидат санкционирани.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој вели дека странското влијание преку домашни политички субјекти може во практика да го смени исходот на одредени избори. Според него, Македонија не е единствена земја во која странски фактори влијаат на секаков начин на политиката во државата и како пример ја истакнува дилемата дали странски центри влијаеле на изборот на претседателската трка во САД на која победи Доналд Трамп.
Аналитичарот вели дека во земјата постои солидно законско решение што ги регулира овие процеси и кое во суштина може да го спречи странското финансирање на партиите во земјата. Но додава дека актуелните законски решенија немаат соодветен одговор на финансирањето на партиите надвор од државата.
– Сегашните закони може да имаат увид во парите на партиите за време на нивното дејствување во земјата. Во смисла колку тие платиле за трибини, реклами билборди и слично. Но како на пример со македонски закон ќе се регулира активност на партија на интернет, на пример во организирање конференција во странство на која се собираат пари. Такво нешто е невозможно и таква трага на парите е навистина тешко да се утврди, а уште потешко да се докаже во судница – вели Арсовски.
Според аналитичарот, светската политичка наука во моментов нема јасен одговор на овие проблеми и најдобро решение за да се спречи странското влијание во една земја е тоа да се изложи на јавна критика меѓу електоратот и ништо повеќе.