Според тврдењата на австрискиот весник „Пресе“
Пандемијата од коронавирусот и стравот од геополитичка загуба на моќта ја наведе ЕУ, со половина година задоцнување, да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија, оценува виенскиот весник „Пресе“.
– Колку и да звучи морбидно, избивањето на пандемијата ја олесни одлуката на 27. членки – нагласува весникот.
– Во сенка на оваа криза, вниманието на јавноста беше насочено на друго место – вели Стивен Блокманс за виенскиот весник, професор на Универзитет во Амстердам и член на бриселскиот Центар за европски политички студии.
Оваа оценка, укажува „Пресе“, особено се однесува на Франција, чијшто претседател, Емануел Макрон, пред половина година со своето вето на отворањето на преговорите предизвика тензии не само помеѓу ЕУ и Западен Балкан, туку и внатре во ЕУ каде неговото противење наиде на критики.
Дури и владите на Данска и Холандија, кои беа на иста линија со Париз за простапната подготвеност на Албанија, не можеа да го разберат тој став кон Македонија.
„Персе“ наведе дека Македонија дури го променила своето име и го надминала деценискиот спор со Грција.
– Во вторникот, министрите беа согласни дека пристапните преговори со овие две земји се важни од три причини. Затоа што ЕУ во спротивно на Балканот би ја загубила политичката привлечност во натпреварувањето со Кина, Русија и Турција, и тоа дека го ослабела своето инаку ограничено геополитичко влијание. Таа опасност се виде на прес-конференцијата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој рече дека европската солидарност е бајка, и дека Кина е единствената земја што може да и помогне на Србија – укажува „Пресе“.
Понатаму, весникот наведува дека ЕУ увидела опасност оти епидемијата на Западен Балкан без надворешна помош не може да се уништи.
На европско ниво не може во моментов да се разговара на ниту една тема, а да не се говори за „ковид-19“, објасни министерката за европски прашања на Австрија, Каролин Едшрадлер, по видео-конференцијата, додавајќи дека е договорено и како може да им се помогне на земјите од овој регион.
Како трето, укажува „Пресе“, ветото на Макрон доведе до подигнување на свеста за проблемите со ширењето на ЕУ на исток и тековните преговори со Србија и Црна Гора, а европскиот комесар за проширување изјави дека не е доволно само да се усвојуваат закони, туку мора да се применат на дело и да донесат резултати какви што очекуваат земјите-членки на Унијата.
– Почетокот на пристапните преговори, ако тоа го дозволи пандемијата, може да се случат оваа година, но прашање е дали Самитот за Западен Балкан планиран за почетокот на мај во Загреб, ќе може да послужи за таа цел – заклучува весникот.