Извештајот на сто страници, во кој прецизно се наведени сите пропусти, нарушувања и аномалии, како и тоа каде и за што потфрлиле надлежните институции и органи, практично е последно предупредување пред Охрид да го изгуби статусот град на УНЕСКО. Може ли да се поправат состојбите и да се спречи вакво непожелно сценарио
Поразителниот извештај на УНЕСКО како последно предупредување
Ќе успее ли Македонија да го одбрани статусот на град на УНЕСКО или, по 32 години заштитен град, Охрид ќе биде избришан од оваа светска листа? Што ќе изгуби Македонија ако не успее да го спроведе извештајот во кој градот доби статус на загрозено светско наследство? Сите овие дилеми стануваат сериозен предизвик за држава, институциите, но и за граѓаните, откако УНЕСКО оцени дека Македонија не води грижа за ова светско наследство.
Проблеми има многу, но има ли волја да бидат решени?
Ставот на премиерот Зоран Заев е дека нацрт-извештајот на УНЕСКО е силен аларм за состојбата во Охридскиот Регион и е потребно највисоко ниво на ангажираност за отстранување на сите ризици што го загрозуваат Охридско Езеро.
Премиерот ја реафирмирал определбата на Владата да се зачува статусот на светско наследство на Охридскиот Регион за заштита на регионот, владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, имајќи ги предвид реалните ризици и можноста Охридско Езеро со неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје.
– Наодите во нацрт-извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион одат во насока Владата да инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти што се опасност за Охридскиот Регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и на Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти што се наследство од минатото, меѓу кои и проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година и Љубаништа 1 и 2 – соопштија од Владата.
Охрид првпат откако е впишан како заштитено подрачја од УНЕСКО во 1979 година може да се најде во опасност на листата на светско културно наследство. Во прелиминарниот извештај стои дека сите надлежни институции потфрлиле, како на национално така и на локално ниво, не ги исполниле обврските од 2017 година.
Забелешки на сто страници
Извештајот на УНЕСКО препорачува Охридскиот Регион да биде вклучен во списокот на загрозени светски вредности. Во извештајот од околу сто страници за состојбата во регионот ги пишува сите обврски што властите на централно и на локално ниво не ги исполниле во 2017 година за намалување и елиминирање на идентификуваните закани за заштитеното подрачје.
– Меѓу проблемите идентификувани во извештајот се прекумерната и неконтролирана урбанизација, доцнењето во работата со дивоградба и на крајбрежјето и во заштитеното урбано подрачје, но и дерогирањето на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството на депонија за цврст отпад. Регистрирано е отстранување отпад на диви депонии, поставување соларни панели на куќи во стариот дел на Охрид, што го нарушува автентичниот изглед, како и поставување урбана опрема и стреи со различен изглед и боја во непосредна близина на културните вредности и спомениците на културата. Не се поштедени ниту институциите формирани да се грижат за спомениците на културата и за природата – пишува во извештајот.
Документот содржи голем број препораки за дејствување, од кои некои треба да се спроведат веднаш, додека на други им се дава рок.
– Итно е да се продолжи со процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежјето на езерото, со подготвување регистар на дивоградби во сите општини во регионот и воведување вистински мораториум за градба до донесување нови одржливи урбанистички планови – се вели во извештајот.
Нема визија за долгорочна заштита
Драгана Велковска од граѓанската иницијатива „СОС-Охрид“ вели дека институциите немаат визија за тоа што е потребно за да се управува со Охридскиот Регион, за да се направи закрепнување на ова заштитено подрачје.
– Нема координација меѓу институциите и јасно утврдена агенда по ова прашање. Од Охрид и регионот е направен масовен евтин туризам, а не концепт за одржливо управување со овој дел. Се оди на собирање политички поени, а не на конкретни решенија. Не се решени ниту дивоградбите ниту мистериозните насипи и узурпацијата на Светинаумските Извори, а надлежните општини и министерства не чувствуваат одговорност за она што им е законска обврска, но време е некој да одговара – посочува таа.
Според неа, како граѓанска иницијатива неколкупати до надлежните институции поставувале концепти за управување на овој регион, но никој не контактирал со нив.
– Тоа што сме ставени на списокот на регион на кој му е потврдена опасност не значи дека ќе го загубиме статусот во УНЕСКО, но треба да се дејствува во насока како да се подобри состојбата за закрепнување на регионот – додава таа.
Подготвен сеопфатен план
Општина Охрид реагира дека во изминатите 18 месеци континуирано била посветена на заложбите за имплементирање на сите препораки на УНЕСКО и успеала да направи многу значајни чекори за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство што го поседува Охридскиот Регион.
– Првпат е донесен сеопфатен план за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски-центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид – Св. Наум. Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби што претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети. Тука е и Студијата за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје, но и отстранувањето на рекламните билборди и неавтохтони палми – велат од Општина Охрид.