Повторното, овој пат политичко актуализирање на прашањето за изградба на железничката пруга Скопје – Софија, по најавата на македонската влада за продажба, т.е. приватизација на јавното претпријатие за железнички сообраќај, некако логично ја отвора опцијата за можно купување/стопанисување на државната македонска железничка компанија и од соодветни бугарски фирми. Токму тоа, случајно или не, силно коинцидира со бугарскиот т.н. акциски план за враќање на довербата во Договорот за добрососедство
Има ли поврзаност на бугарскиот акциски план со владиниот предлог за продажба на
„Македонски железници“
Акцискиот план за враќање на довербата во Договорот за добрососедство со Бугарија што го донесе во Македонија специјалниот преговарач Владо Бучковски, според официјалните изјави, сега е предмет на анализа во македонската влада и одредени министерства. Одредени индикации за содржините на акцискиот план на Бугарија откриваат дека тој содржи и „елементи за поинтензивна економска и образовна соработка меѓу Македонија и Бугарија“ во периодот до наредната одлука за почнување на македонските преговори за членство во ЕУ. Некои хроничари и познавачи на македонско-бугарските односи барањата во акцискиот план ги нарекоа обид за воспоставување „меко влијание“ на бугарските позиции во Македонија, преку овозможување влез на бугарските компании на македонскиот пазар, отворање бугарски универзитети, медиуми…
Непотребно внесување политикантство на Софија во веќе развиените економско-деловни односи
Секое отворање на темата за економска соработка меѓу Македонија и Бугарија редовно почнува со изградбата на фамозниот железнички Коридор 8, односно железничкото поврзување на Скопје и Софија. Тој проект, кој официјално е „во процес“ речиси 30 години од осамостојувањето на Македонија како држава, не е одминат и во последниот акциски план, како и забелешката дека на бугарските фирми им е отежнат пристапот на македонскиот пазар.
– Не би се согласил со делот од изјавите на бугарската министерка Захариева дека на бугарските фирми со посебни услови им се отежнуваат пристапот и работата на македонскиот пазар. Бугарскиот капитал одамна е присутен во Македонија. Еден од највидливите аргументи за ова тврдење е дека само три деловни банки во земјава се со бугарски капитал… Во Македонија функционира пазарната економија и е отворена за странски вложувања, а условите за деловно работење се еднакви за сите учесници на пазарот. Во тој контекст, забелешките на бугарската министерка ги оценувам како непотребно мешање на политиката во веќе развиените економско-деловни односи на бугарскиот и македонскиот бизнис – вели универзитетскиот професор по економски науки Зоран Ивановски.
Железницата на продажба – условите се исти и за бугарските фирми
Повторното (политичко) актуализирање на прашањето за изградба на железничката пруга Скопје – Софија, по најавата на македонската влада за продажба, т.е. приватизација на јавното претпријатие за железнички сообраќај, некако логично ја отвора опцијата за можно купување/стопанисување на државната македонска железничка компанија и од соодветни бугарски фирми. Таквата опција, секако, отвора и низа други аспекти и економско-политички прашања, но економските експерти сметаат дека македонско-бугарското партнерство во секторот на железничкиот сообраќај е во заеднички интерес на двете страни. Имено, и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во поглавјето 14 е наведено дека земјата е умерено подготвена во областа транспорт и дека меѓу другото во наредната, т.е. веќе оваа година е потребно да спроведе реформи во железницата и да го отвори пазарот.
– Во принцип, можноста за купување на државната компанија за железнички транспорт (доколку македонската влада ги конкретизира своите најави за приватизација) е еднакво отворена опција и за бугарските компании како и за сите други компании од светот и од Македонија што ќе согледаат интерес во ваква инвестиција. Секако, притоа сите учесници треба да ги задоволат условите на тендерот, односно стандардите што ќе ги постави Владата при продажбата. Принципите на пазарната економија се еднакво важечки за сите учесници на македонскиот пазар и, секако, да ги задоволат стандардите за тендерот – вели професорот Зоран Ивановски, разгледувајќи ја можноста низ призмата на економските принципи.
Тој наведува дека управувањето во транспортниот сектор во Македонија од странски компании воопшто не е нов момент, со оглед дека со двата македонски аеродроми стопанисува турска компанија.
Во однос на изградбата на железничката пруга до Бугарија, професорот Ивановски смета дека ако идејата на акцискиот план е таа да се забрза, тогаш тоа е добар „притисок“, зашто е од економски интерес и за Македонија и за Бугарија, а македонската држава досега покажала слаб капацитет и интерес за овој проект. Притоа, наведува дека досега државата градела и поголеми и поскапи капитални проекти отколку што би чинела пругата од Скопје до бугарската граница. Исто така, Ивановски укажува дека доколку постои волја за овој проект, во светот има слободен капитал за инвестирање, за кој, за да се повлече, државата треба да стои како гарант.