До претседателот на државата Ѓорге Иванов се доставени неколку барања за помилување осудени лица за случајот „27 април“, потврдија од неговиот кабинет, по што премиерот Зоран Заев вчера изјави дека не очекува аболиција бидејќи, како што рече, за тоа не постои законска можност.
Од кабинетот на претседателот рекоа дека последното од повеќето барања за помилување пристигнало во петокот во попладневните часови, а премиерот вчера одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека за аболицијата од Иванов веќе не постои законска можност.
– Со последното давање на аболицијата се потврди непостоењето на соодветните членови во законот за претседателот да го искористи тоа право – истакна Заев.
За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.
Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на 12 мај годинава. Неговиот наследник треба да биде избран на претседателските избори што ќе се одржат на 21 април и 5 мај. П.Р.