За голема жал, во последниве неколку изборни процеси, и покрај сите капацитети ставени на Државната изборна комисија, како и големиот број странски експерти што учествуваа во оваа операција на т.н. чистење на избирачкиот список, довербата е уште помала
Наскоро ќе дојде редот и на референдумот, според обврските што ги презеде Македонија во спогодбата со Грција, кој го потпиша на 17 јуни годинава. Навистина, во спогодбата е запишано „доколку втората страна се одлучи спогодбата да ја стави на референдум“, но премиерот Зоран Заев уште од потпишувањето во Нивици, постојано се повикува на правото на граѓаните на Македонија да се изјаснат за ерга омнес примената на договореното. Притоа најави дека договорите за сите прашања поврзани со референдумот ќе се одвиваат меѓу парламентарните групи во Собранието, но по одржувањето на самитот на НАТО.
Колку што станува поизвесно и наближуваат роковите за организирање на референдумот, се чини дека повторно се актуализираат старите изборни теми, поврзани со избирачкиот список. Во претходните изборни циклуси често се споменуваа фантомски гласачи, чија бројка достигнуваше и до 150.000 гласачи. Тврдењето за толкав број непостојни гласови неколку години го наметнуваше СДСМ обвинувајќи го ВМРО-ДПМНЕ дека победува со нивна злоупотреба. Тој аргумент СДСМ обилно го користеше во битката за уривање на власта, за потоа, откако дојде на власт, да замолчи и да не ги споменува ниту фантомските гласачи ниту, пак, наводните триесетина илјади фалсификувани лични карти што стоеле во магацините на Министерството за внатрешни работи. Колку беа реални тие „фантоми“ во избирачкиот список и постои ли можност тие повторно да се појават пред референдумот?
– Еден од основните меѓународни стандарди за добар изборен процес е точноста на избирачкиот список, односно довербата во него од страна на учесниците во изборниот процес, а пред сѐ од граѓаните. За голема жал, во последниве неколку изборни процеси, и покрај сите капацитети ставени на Државната изборна комисија, како и големиот број странски експерти што учествуваа во оваа операција на т.н. чистење на избирачкиот список, довербата е уште помала. Сега тој се наметнува како евентуален проблем и при спроведување на најавениот референдум, имајќи го предвид високиот цензус.
Само ДИК може да каже каков е списокот, дали е редовно ажуриран. Но ДИК како комисија не функционира. Сепак постои стручна служба, која по формирањето на ДИК, треба да излезе со информација за списокот. Состојбата на списокот во овој момент не може никој да ја знае освен ДИК. Начинот на кој се прочистуваше списокот беше несоодветен, а дали сега е најден вистинскиот начин може да соопшти само ДИК. Сѐ друго е шпекулација – вели Александар Новаковски, поранешен претседател на Државната изборна комисија.
Во јавноста веќе се појавија оцени дека избирачкиот список на Македонија е нереално голем (со околу 1.800.000 запишани гласачи) и дека референдумскиот цензус со 50 отсто одзив е превисок. Сепак, иако сите политички чинители во Македонија се повикуваат на референдумот, а сите покани и датуми за евроатлантски интеграции на (Северна Македонија) се условени токму со резултатите од плебисцитарното изјаснување, сериозните политички и организациски договори, сѐ уште не се ни започнати. А во многубројните стапици со кои може да се соочи референдумот, речиси неизбежен е избирачкиот список.
Извесно е дека роковите за распишување на референдумот критично се наближуваат ако навистина треба да се одржи, според изјавите на премиерот Заев, на крајот од септември, или почетокот на октомври, па сѐ поактуелно е прашањето и постои ли потреба (и време) за прочистување на списокот и промена на уставни и законски одредби во врска со цензусот.
– За жал, кај нас се создава дополнителна забуна, поради споредби на списокот и пописот, и многу други толкувања. Потребно е колку што е можно поитно да се формира ДИК и да се отстранат некои дилеми. Потребна е комисија со авторитет, на која граѓаните ќе ѝ веруваат на тоа што ќе го соопшти. Да, сега изгледа дека има голем број гласачи, но треба да се провери со аргументи дали е тоа вистинската бројка. Нашиот Устав му дозволува на секој државјанин право на глас, а тоа дали некој е надвор или не, е ирелевантно. Затоа мора ДИК веднаш да почне со работа, во спротивно ќе бидеме изложени на сомневања и недоразбирања. Цензусот мислам дека нема време да се менува, за тоа се потребни уставни измени, а тоа е долга процедура – констатира Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК и стручен познавач на изборните регулативи.