Министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со со Анке Гизеле Холштајн, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.
Амбасадорот Холштајн, честитајќи го изборот и посакувајќи му успех на новата одговорна функција, искажа увереност дека интензивната билатерална соработка ќе продолжи и натаму и воедно, ја повтори поддршката на Германија за реализација на нашите стратешки приоритети.
– Дозволете да бидам искрен – нашите очекувања од германското претседателство се навистина големи, и тие се потпираат на долгогодишното пријателство и искрената поддршка од Германија во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и ЕУ – изјави Османи, при што изрази очекување дека токму за време на актуелното ЕУ Претседателство ќе се одржи и првата Меѓувладина конференција од преговорите со Европската Унија.
Во оваа прилика, беше искажано заемно задоволство од исклучително добрите меѓусебни односи, интензивниот и динамичен политички дијалог и посети на високо ниво. Овој тренд е следен и со одлична соработка во сферата на економијата, за што говори фактот што Германија во 2019 година беше наш прв трговски партнер со над 4 милијарди евра трговска размена и земја од каде доаѓаат голем број значајни инвестиции.
Соговорниците на крајот, се осврнаа и на актуелните епидемиолошки состојби и здравствените предизвици, при што министерот Османи искажа благодарност за неодамнешните донации за четири болници во земјата во вредност од над 150 илјади евра како дел од германската поддршка за справување со пандемијата и директна помош на граѓаните.