Процесот на преговори во последните месеци го карактеризираат транспарентност и инклузивност. Нема информација во целиот процес на преговори, дури и најсензитивната, која јас не ја знам, а ја знае премиерот Зоран Заев или не ја знае Али Ахмети или Христијан Мицковски или Ѓорге Иванов. Значи целосно транспарентен процес, дури и за најсензитивните прашања, бидејќи сметаме дека така се решава ова прашање. Не со криење на информации. Да, со внимателност по однос на искажување на ставови предвреме, меѓутоа вклучување на сите одлучувачки фактори во земјата.
Ова го истакна вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи, кој заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во моментов имаат отворен брифинг пред македонските медиуми на тема „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“ во организација на Владата на Република Македонија.
Посочи дека во целиот процес внимаваат да го гледаат интересот на сите граѓани на Република Македонија независно од етничката припадност.
– Во однос на референдумот Албанците и ДУИ имаат конструктивна улога во текот на целиот период за решавање на ова прашање. Внимателни сме на чувствителноста што ја имаат нашите македонски сограѓани кон ова прашање и се обидуваме така внимателно да реагираме. Ние на крај би ја прифатиле одлуката на СДСМ за референдум, меѓутоа укажуваме на некои ризици и тие ги правиме во една конструктивна дебата – рече Османи.
Појаснувајќи кои се тие ризици, истакна дека прво дека ќе стане дневно политичко прашање и можеби политичките партии кои принципиелно се за некои ставови, бидејќи веруваат под притисок на јавното мислење, на дневната политичката борба меѓу партиите, можат да ги сменат ставовите. Второ референдумите стануваат вести за влијание од надвор.
– Веќе во САД имаме дебата дали изборите биле инфлуенцирани од некои други фактори, дали Брегзит бил инфлуенциран од некакви фактори…Се плашам дека отвораме поле некоја друга сила да влијае и трето дека може да предизвика референдум во Грција кој дополнително би го комплицирало прашањето. Значи тие аргументи се обудуваме да ги дадеме како објективни размислувања кои би биле ризиците од референдум – додаде Османи.