Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во врска со објавениот допис од страна на бугарското МНР вели дека писмото од бугарскиот министер за надворешни работи го гледа како дефинирање на патоказот кој е еден од трите елементи за заокружување на решението кое ќе ги отвори преговорите на Македонија со ЕУ.
Османи објасни дека целта на посетата на Софија на 17 јуни била дефинирање на тој патоказ, кој како што рече, треба да биде вметнат во европскиот предлог.
– Треба да има решение, патоказ и одлука за почеток на преговори. Нема договор доколку некој од овие елементи недостасува – потенцира Османи.
Според него писмото што го добил има една позитивна и една негативна страна. Позитивната е што бугарската страна ги прифаќа предлозите од патоказот, но негативната страна е дека писмото стигнало по завршувањето на самитот со што нема одлука за почеток на преговорите, како клучен елемент од целосното решение.
Османи најави дека во наредниот период ќе продолжат разговорите за во септември да има зелено светло и договор.
За патоказот рече дека е исто што и Акцискиот план во Договорот за пријателство и соработка со Бугарија на билатерално ниво, но во европски рамки, откако по барање на Бугарија е воспоставен европски мониторинг на спроведување на Договорот, покрај билатералниот. Во тој контекст ЕУ побарала да се изготви патоказ од двете земји кои тие ќе одлучат каде ќе биде сместен, информира денеска Османи.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера објави список на обврски за македонската страна, за време на состаноците во Софија на 17 овој месец.