Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од утре започнува нова европска турнеја во неколку значајни европски метрополи: Берлин, Копенхаген и Стокхолм како дел од пошироката дипломатска активност за актуализација на европското досие на земјава пред земјите-членки на ЕУ.
Веќе од утре Османи е во посета на Сојузна Република Германија на средби со министерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе оствари средби и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и Комисии во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.
Од Берлин Османи во вторник (4 мај) директно заминува за Копенхаген, на средба со својот хомолог и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод. Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм (5 мај), каде ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Во текот на денот предвидено е Османи да оствари посета и на шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со првата и втората заменички – спикери, Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на Министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на Премиерот, Ловен; како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.
Дипломатската турнеја на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе биде европското досие на земјава, и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.