Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ја започнаа работната посета на Француската Република каде остварија средба со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон.
– Радува фактот што првичните впечатоци се дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори во секоја смисла; како од аспект на силната политичка контрола и водење на процесот, така и во смисла на неговата кредибилност, предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги – истакна Османи, изразувајќи надеж дека со овој нов моментум ќе се создадат и предуслови во пресрет на претстојните дискусии во Советот на ЕУ, за остварување консензус меѓу земјите членки, за одлуката за почеток на преговорите со Македонија, пред Загрепскиот самит во Мај, посветен на Западниот Балкан.
Во рамки на посетата на Париз, Османи и Димитров ќе остварат средба и со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, а ќе се сретнат и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.
– Сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап. Одлуката за преговори означува почеток на еден динамичен и напорен процес. Северна Македонија нема да се штеди и е решена да го изоди тој пат – истакна Димитров.
Денешната посета на Француската Република на ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.