Големи очекувања од португалското претседавање со Советот на ЕУ, кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, има министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој посочи дека во првичните контакти со португалското претседателство била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата.
Османи најави дека денеска ќе има кординација за утврдување на нов календар на активности, бидејќи досегашната динамика била утврдена за успешен завршеток во рамки на германското претседателство.
– Очекувањата се големи и за португалското претседателство. Очекувам Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство. Според првите контакти, португалското претседателство има сериозна намера да се ангажира за процесот да продолжи и побрзо да се најде решение за разликите, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција, односно да се усвои преговарачката рамка – рече Османи на денешната прес-конференција, најавувајќи испраќање на дипломат во Португалија, за тој да биде во контакт со португалските власти.
Истовремено ќе продолжи и комуникацијата со другите земји членки, паралелно со комуникацијата со Бугарија. Засега не е договорена средба со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во контекст на разговорите за надминување на проблемите, како што истакна министерот.
Лансирана иницијативата „Преспа Форум за дијалог“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција ја претстави иницијативата „Преспа Форум за дијалог“ – платформа наменета да ги заштити, да ги промовира и да ги канализира придобивките и значењето на трите политички договори: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија, и Договорот од Преспа.
– Стартот на годината претставува убава прилика да ги претставиме иницијативите на кои сакаме да се посветиме оваа година,иницијативи кои произлегуваат од мојата мандатна мисија, иницијативи кои сметам дека се важни за земјава и посебно за нашата надворешна политика. „Иницијатива 8“ и „Преспа Форум за дијалог“, ќе бидат платформи преку кои ќе се продлабочуваат добрососедските односи и ќе се унапредува регионалната соработка – истакна Османи.
Идејата за лансирање на еден ваков мултидимензионален проект се раѓа со стекнувањето на политичката тежина на трите договори и изворниот „ноу-хау” на нашата земја, во однос на дијалогот и соработката, со што се отвара можност, но и обврска да се отвори интелектуална и политичка дебата од која би можеле да произлезат идеи, практични решенија и јасни одговори на отворени прашања од регионален и глобален карактер.
– Преспа Форум за дијалог ќе биде наш, автентичен придонес кон безбедноста, стабилноста и политичката соработка во регионот, но и одлична можност да го зајакнеме авторитетот на самите договори, да ја засилиме нивна улога, како и да обезбедиме нивна соодветна примена во справување со актуелните современи предизвици – нагласи Османи.
Во рамките на Преспа форумот, низ целата година ќе бидат организирани помали настани (тематски работилници и семинари), со високо профилирани учесници од политичките, но и од академските ешалони. Главниот настан, на годишно ниво, ќе биде во форма на меѓународна конференција, кој се очекува оваа година, за прв пат да се реализира од 15 до 17 јуни, и тоа во Охрид, што соодветствува и со годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.