Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Германија се сретна со германскиот државен министер за Европа и претставник на СР Германија во ЕУ, Мајкл Рот.
-Доаѓам на само една недела пред седницата на Бундестагот кога ќе се отвори точката за поддршка не европските интеграции на Република Северна Македонија, да ја пренесам благодарноста на Владата за вашите несебични напори да ѝ обезбедите на мојата земја зелено светло за почеток на преговорите – истакна Османи на средбата.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Османи реферирал пред Рот и за последните актуелности во земјата.
-Остваривме напредок во сите посочени области од страна на Европскиот совет и во континуитет остваруваме солиден „трек-рекорд“, успешна имплементација на донесените реформи – додаде Османи.
Тој добил потврда од министерот Рот дека германската влада во целост ги поддржува европските интеграции на земјата и дека цврсто ќе застане за време на сесијата на Бундестагот во одбрана на позициите на Владата за почеток на преговорите со Република Македонија во октомври.
Османи од Берлин ќе отпатува за Варшава, каде што ќе остари средби со државниот секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански, а ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Република Полска, Јацек Чапутович. Посетите на Берлин и Варшава преставуваат дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи за посета на европските метрополи, а во пресрет на октомвриските состаноци на Советот на ЕУ.