Грчката страна ги исполни нејзините најважни обврски од Преспанскиот договор. А тоа е поддршката за Република Северна Македонија за членство во НАТО и поддршката за почетокот на преговорите со ЕУ. Тоа беа двете суштински обврски на Грција во однос на Преспанскиот договор, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Дендијас.
– На средбата беа отворени прашањата за ратификацијата на одредени договори и меморандуми во грчкиот парламент, како и прашањето за сообраќајните знаци во Грција. Разговаравме и за техничките причини за неисполнување на тие прашања во грчкиот парламент и договоривме начин како тоа ќе се направи во наредниот период. Во однос на таблите, грчките локални власти не покажуваат ентузијазам, но мислам дека во наредниот период ќе има решение – посочи Османи.
Дендијас, кој не одговараше на новинарски прашања, се заблагодарил за поддршката за кандидатура на Грција во советот за безбедност на Обединетите нации за 2025 година. Османи напомена дека тој преземал обврска во името на државата, дека Македонија ќе ја поддржи кандидатурата на Грција. Шефот на грчката дипломатија се заблагодарил и што Македонија е на линија на Европската Унија во однос на меѓународното право, бидејќи Македнија се придржуваше до сите декларации на ЕУ во однос на прашањето на експлоатацијата во Медитеранот.
Османи, пак, нагласи дека Преспанскиот договор е во основа на билатералните односи и во новата меѓународна архитектура.
– Преспанскиот договор е во основа на нашите билатерални односи, во новата меѓународна архитектура и тоа е неповратен процес. Тој е во интерес на нашата држава, ја гарантира перспективата на државата и билатералните односи и никој нема да дозволи да се загрози – категоричен е Османи.
Грција продолжува да биде силен лобист за македонската интеграција
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Посетата на Дендијас е продолжение на интензивната комуникација меѓу двајцата министри за надворешни работи, кои во разговорите констатираа континуитет на позитивната динамика во односите и соработката која воедно претставува модел за целиот регион, каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат сите отворени прашања меѓу два соседи.
Ваквиот развој во преден план го става интензивниот политички дијалог, кој придонесува за зацврстување на довербата, за промовирање на целите и придобивките на стратешкото партнерство меѓу двата блиска соседа, со што се отвораат нови перспективи во економската соработка, енергетското поврзување и искористување на сите други капацитетите за продлабочување на соработката и во повеќе области, беше нагласено на средбата. Во прилог на тоа зборува фактот дека во првите осум месеци на годинава, трговската размена меѓу двете земји е за 20 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.
Османи го информира својот соговорник дека Владата продолжува да биде посветена на реализирањето на обврските предвидени со Преспанскиот договор, изразувајќи уверување дека Грција ги препознава и вреднува нашите напори, што ќе биде дополнителен мотив, што побргу да биде завршена ратификацијата на неколку меѓународни договори во грчкиот парламент. Со тоа дополнително ќе се овозможи унапредување на билатералната соработка во дадените сегменти.
Тој упати благодарност за цврстата поддршка на Владата на Грција за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, како и уверувањето дека таквата поддршка нема да изостане и во периодот кој е пред нас.
– Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција и започнувањето на пристапните преговори, што Северна Македонија посебно го цени – нагласи Османи.
Соговорниците приликата ја искористија и за размена на мислења и ставови за најновите состојби во регионот, регионалната соработка, кризните жаришта и акциите преземени за надминување на истите, при што беше нагласено дека, како сојузници во НАТО и стратешки партери во ЕУ, неопходна е заедничка координираност за максимизирање на ефектите.