Влегуваме во многу чувствителна фаза во која секој од вас ги брои деновите и очекува пристојна разрешница на нашите европски интеграции, вели во порака до јавноста, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој посочува дека кај него ваквите чувства се уште позасилени.
– Три години ги водев европските интеграции и секое утро се будев со една единствена мисла – Да ги започнеме преговорите. Тоа е нормално, човечки. Но тоа не смее да не доведе во дефетизам, имаме премногу вложено, премногу постигнато, едноставно сме премногу блиску за да си дозволиме да ја пропуштиме оваа шанса – нагласува министерот.
Како што посочува тој, како владини претставници, не се избрани за нервоза, туку за да бараат решение.
– Имаме многу пријатели кои сакаат да ни помогнат, многу земји чиј интерес се поклопува со нашиот. Во земјите членки на ЕУ и во соседна Бугарија постои чувство за одговорност и потреба за изнаоѓање на решение – уверува министерот.