Барањето за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав не е спротивно на нашите интереси, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи коментирајќи ги „5+1“, барањата на бугарската страна за тргање на ветото на патот кон ЕУ.
Со ова барање, како што рече Османи, Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за „еден народ во две држави“ во позиција во којашто велат дека има една бугарска заедница со свои идентитетски атрибути, различни од таа на мнозинската заедница.
– Република Северна Македонија никогаш немала проблем да ги признае различни етнички групи. Самиот факт што заедно со другите заедници, македонската, албанската, турската, се бара како посебна да се вклучи и бугарската заедница, тоа е на линија на ставот дека во Република Северна Македонија постојат различни етнички заедници кои имаат право да ги искажат своите атрибути – рече Османи.
Министерот, сепак, вели дека на ова не можеме да бараме реципроцитет, бидејќи Бугарија согласно нејзиниот устав не препознава организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност.
И премиерот Зоран Заев денеска се согласи дека признавањето на бугарската национална заедница во македонскиот устав пред земјата да стане членка, не е проблематично.
Другите пет точки за кои македонската Влада преговара со Бугарија е потврдата дека немаме територијални претензии со името, немешањето во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија најмалку пет пати да се состанува во годината, да се осудат актите на комунизмот на тогашното осудување на лицата кои имале самоидентификацијата со Бугарите и да се реагира кон говорот на омраза.