Поради пандемијата на коронавирусот, канцелариите за контакти со граѓаните веќе подолго време не работат. Во изминатиот период во Собранието го немаше ниту инструментот пратенички прашања. Како во вакви услови пратениците контактираат и се консултираат со електорската база, како ја извршуваат својата суштинска улога како претставници на народот и што најмногу ги интересира граѓаните? На овие прашања побаравме одговори од пратеници од власта и од опозицијата
ПАНДЕМИЈАТА СЕ ОДРАЗУВА И ВРЗ функционирањето на пратениците
Минува веќе четвртиот месец од конституирањето на десеттиот парламентарен состав, избран на изборите што се одржаа на 15 јули годинава. Работата на Собранието оваа година во голема мера беше детерминирана од условите и мерките за заштита што ги наметна пандемијата на ковид 19.
Во контекстот на пандемиските предизвици во работата на пратениците некако се наметнува и прашањето за извршувањето на суштинската дефиниција на пратеничката функција – претставувањето на граѓаните. Односно се поставува дилемата колку и како во услови на пандемија пратениците контактираат и се консултираат со електорската база, дали функционираат канцелариите за контакт со граѓаните, па и за што најмногу се интересираат граѓаните во комуникацијата со пратениците. За сите овие дилеми побаравме одговор директно од народните избраници.
– Во недостиг од календар на пленарни седници во Собранието, многу е потешко да се планираат и координираат средбите и комуникацијата со граѓаните што ги претставуваме. Бидејќи работиме на стендбај, на повик на претседателот на Собранието (или кога сака Владата), честопати доаѓаме во непријатна ситуација да ги одложуваме и откажуваме веќе закажаните контакти со граѓаните и на некој начин сами си ја делегитимираме основната пратеничка должност – да бидеме во функција на граѓаните. Ние, како пратеници, пред сѐ зборуваме во име на граѓаните, а не во име на партиите и на лидерите на партиите. За жал, комуникацијата на пратениците со граѓаните се сведува на лична организација, бидејќи не функционираат канцелариите за контакт со граѓаните.
Иако работиме во услови на пандемиски протоколи, мора да се најдат начин и простор за активирање на тие канцеларии за контакт со граѓаните. Имам чувство дека на секој начин се турка идејата Собранието да работи целосно онлајн. Навистина, јас со граѓаните контактирам и онлајн, и преку телефонска комуникација, но сепак личниот контакт има поголема тежина и веродостојност – вели професорката Гордана Силјановска-Давкова, која е независна пратеничка на пратеничката листа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката Силјановска-Давкова открива дека во овие први четири месеци на мандатот на овој парламентарен состав, на повеќе начини Собранието не овозможило да се слушне гласот на граѓаните. Една од таквите спорни ситуации е што не може да се одржи седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Иако претседателот на комисијата, пратеникот Халил Снопче, закажува седници на кои треба да се разгледаат претставки на граѓаните, никако не се постигнува кворум за да се одржи. Пратеничката смета дека е преседан парламентарниот обичај (кој не е регулиран во Деловникот) да нема пратенички прашања во првите сто дена Влада и дека и на тој начин на граѓаните им е ускратена можноста преку пратеникот да добијат одговори на прашања што ги засегаат и се интересираат. Истовремено таа истакнува дека со почитување на сите протоколи, собраниската комисија за еднаквост на мажите и жените успеала да организира јавна расправа, во која биле вклучени и претставници од здруженијата на граѓанското општество.
Пратеникот од владејачката СДСМ, Костадин Костадинов смета дека обврска на пратениците е во секакви услови да најдат начин да ја одржуваат комуникацијата со граѓаните.
– Во услови на пандемија, сѐ повеќе таа комуникација се одвива онлајн, преку телефон…, во зависност од барањата на граѓаните. Сепак, и понатаму граѓаните (а и ние пратениците) повеќе претпочитаат средби во живо, дури и да се кратки, но да имаат можност во директна комуникација да се искажат. Гледаме да најдеме начин да ги испочитуваме мерките за заштита, но и да им излеземе во пресрет на граѓаните. Морам да истакнам дека комуникацијата со граѓаните најмногу зависи од индивидуалната иницијативност и организираност на пратеникот – вели Костадин Костадинов.
Што се однесува до канцелариите за контакт на граѓаните, кои се дел од проектот на НДИ, Костадинов вели дека тие сѐ уште не се официјално поделени. Но открива и дека на мрежата на канцеларии работи еден од потпретседателите на Собранието, кој неодамна бил избран, па очекуваат дека наскоро ќе профункционира и тој систем, во согласност со мерките и протоколите за заштита од ковид-19.
Слични се и искуствата на пратеникот од партијата Алијанса за Албанците, Елми Азири.
– Поради пандемијата, физичките контакти се сведени на минимум. Имаме поединечни контакти, но помасовни активности – немаме! Претежно сѐ се одвива онлајн и телефонски. Имаме редовни состаноци онлајн. Канцелариите не функционираат поради пандемијата, но се надевам дека од пролет ќе бидат ставени во функција. Од контактите што ги имаме, заклучувам дека граѓаните најмногу ги интересираат и се загрижени за егзистенцијалните прашања, особено државјанствата, работните места, здравството… – вели пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците.