Со темата за Македонија интензивно се ловат гласачи на изборите во Бугарија
Темата за спорот меѓу Македонија и Бугарија е дефинитивно сѐ поинтензивно застапена на изборите кај нашиот источен сосед. Политичките елити од Софија сѐ повеќе ловат гласови со проблемот што самите го наметнаа со нашата земја. Овие перцепции повторно се актуализираа во домашната јавност откога тамошниот претседател Румен Радев повторно со своите изразито радикални ставови за македонското прашање, нација, јазик, малцинство, го засени дури и министерот во Владата на Борисов, Красимир Каракачанов, кој беше лидер за екстремистички изјави во јавноста за Македонија.
Дипломатите со кои се консултиравме велат дека национализмот е еден од испробаните механизми со кои најлесно се ловат гласови во регионот, па оттука ништо поразлично не е ниту во изборната трка што во Бугарија во моментот добива интензитет и токму затоа се користи чувствителната тема со Македонија.
Дипломатот Драган Јањатов вели дека како што ќе се заострува кампањата во Бугарија така и ќе се добива динамика во користењето на флоскулите и реториката за Македонија, но сепак мисли дека сето тоа ќе стивне кога ќе заврши циклусот.
– Иако сега спорот е актуелен во Бугарија, јас лично сметам дека тоа не е главното прашање на кое се добиваат изборите во оваа земја.
Политичарите и од власта и од опозицијата имаат длабоко вкоренети антимакедонски ставови што тешко можат да се искоренат. Односно за нас во практика за спорот ништо не менува кој ќе ги добие овие избори или кој ќе ги изгуби, дали на власт ќе дојде партијата на Румен Радев или ќе остане онаа на Бојко Борисов – оценува Јањатов.
Тој додава дека на тој што не го познава Балканот нема да му биде јасно зошто национализмот и антимакедонизмот во денешно време сѐ уште се плодна почва и тема во избори на една соседна земја.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека национализмот во Бугарија е неисцрпна тема со која се профитира на изборите и додава дека темата поврзана со Македонија во изборните циклуси во Софија дури и пред постоењето на актуелниот проблем била досега експлоатирана од тамошните елити.
Според Пекевски, за жал, овие бугарски политички игри што се сега евидентни на тамошните избори носат само штета на релациите со Македонија и на економските, но и на културолошките, а најмногу на дипломатските меѓу двете земји и двата народа.