Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска ќе го пречека новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархели, кој доаѓа во посета на државата. Според надлежните, Македонија има 15-годишно досие на имплементација на европските заложби, при што е остварено високо ниво на интеграција во сите области, вклучувајќи и во внатрешниот пазар, царинската унија, политиката за заштита на животната средина, земјоделската политика, области на кои францускиот нон пејпер става акцент
Има ли Македонија своја проактивна агенда и стратегија за членство во Европа што би ја презентирала пред ЕУ во пресрет на денешната посета на земјава на новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархели?
Високиот функционер на ЕУ денеска и утре престојува во посета на Македонија, што истовремено ќе биде и негова прва посета по стапувањето на функцијата еврокомесар.
Познавачите на меѓународната политика се согласни дека, наместо да чека нови препораки, рокови и методологии, како во претходните декади, Македонија сега треба па покаже пред ЕУ поактивна улога, дека самата е подготвена за преговори и дека има своја стратегија за полноправно членство во Унијата.
Или, со други зборови, од само пасивен слушател и примач на пораки, да станеме активен чинител и носител на прогресивни реформски идеи за наша брза интеграција.
Токму ваквата проактивност за македонска брза интеграција во ЕУ, всушност, е во согласност и со новата методологија на Франција, која се залага за суштински реформи на земјите-кандидатки под постојан мониторинг за скратување на роковите наместо преговарање со децении.
Во контекст на актуелните случувања, побаравме мислења од државниот врв на кој начин Македонија, со каков дневен ред и со каква проактивна позиција, ќе го пречека Вархели.
Од Владата и од Министерството за надворешни работи во заеднички одговор на прашањата информираат дека Македонија редовно известува за напредокот во исполнувањето на реформите со ЕУ-предзнак, како и во однос на усогласувањето со законодавството на ЕУ преку дијалогот со ЕК што се води во рамките на телата воспоставени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (поткомитети, комитет за СА и Совет за СА).
Натаму, според надлежните, земјава има 15-годишно досие на имплементација на ССА, при што е остварено високо ниво на интеграција во сите области, вклучувајќи и во внатрешниот пазар, царинската унија, политиката за заштита на животната средина, земјоделската политика, области на кои францускиот нон пејпер става акцент.
– На 10 декември заменик-претседателот на Владата, Османи, како вицепремиер задолжен за ЕУ-прашања, му достави на комесарот Вархели контрибуција (извештај) кон подготовката на годишниот извештај на ЕК што ќе биде објавен напролет 2020 г. Контрибуцијата содржи детален преглед на годишниот напредок на Северна Македонија во сите 35 поглавја од законодавството на ЕУ – велат од државниот врв.
Според нив, дополнително, МНР редовно одржува контакти со МНР на земји-членки и доставува бриф-материјали до своите ДКП-а за информирање на европските престолнини за нашиот напредок во евроинтеграциите.
– Комесарот Вархели при посетата ќе оствари средби со премиерот Спасовски заедно со клучните министри задолжени за ЕУ-реформите на кои ќе биде брифиран за последниот статус во нивното одвивање – велат државните институции во одговорот до „Нова Македонија“.
Во меѓувреме, според најавите, покрај запознавање со македонската политичка елита, целта на посетата на Вархели е увид во реформското досие на земјава и консултација со владините претставници за новата нацрт-методологија за пристапните преговори со ЕУ.
Претходно, во декември комесарот Вархели во Брисел се сретна со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој му го претстави реформскиот план на Владата до самитот на Европскиот совет во март.
Истиот месец, еврокомесарот изјави дека пристапните преговори на Македонија и Албанија треба да почнат напролет и тогаш ЕУ треба да ја исправи грешката од октомври.
За потсетување, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, неодамна на официјалниот почеток на претседателството на Хрватска во ЕУ изјави дека мора да се најде начин паралелно со внатрешните реформи на Унијата да се одвиваат преговорите со Македонија и со Албанија.