Фото: Игор Бансколиев

Причините поради кои пациентите и по 20 дена изолација повторно се позитивни се зашто во носот и во устата имаат мртви клетки во кои имало вирус

МИСТЕРИИТЕ НА КОВИД-19

Кај пациенти што биле позитивни на ковид-19, по завршувањето на изолацијата од десет или 20 дена, многу често се случува контролниот тест да им покаже повторно позитивен резултат. Иако здравствениот систем што ги следи овие пациенти не ги обврзува да направат контролен тест по завршувањето на периодот на изолација, во најголем дел од случаите тоа го бараат работодавците од приватните компании поради претпазливост, со што условуваат враќањето на работа да биде потврдено со негативен тест од вработениот.
Што значи ако лице, кое поради ковид-19 поминало 10 или 20 дена во изолација, на повторен ПЦР-тест има позитивен резултат? На што се должи тоа и дали во ваков случај станува збор за лице што го пренесува вирусот?
Според протоколите за ослободување од изолација на пациентите, усвоен кон крајот на август годинава, не се потребни контролни тестирања на ковид-пациентите.
Направените анализи, според здравствените власти, укажуваат на тоа дека иако кај пациентот било дијагностицирано присуство на вирусот, независно од резултатот на контролното тестирање, не е присутен вијабилен, односно репликативнио компететен вирус, што може да е доволно силен и да предизвика зараза по 10 дена кај асимптоматските случаи, или 20 дена кај лицата со симптоми, по позитивниот тест.
Епидемиолозите се децидни. Велат дека контролните тестови воопшто не треба да се прават, зашто во случаите со оздравените пациенти, тие немаат вредност.

Причините поради кои пациентите и по 20 дена изолација повторно се позитивни се зашто во носот и во устата имаат мртви клетки во кои имало вирус. Тие можат и со месеци да се исфрлаат. Но тие пациенти се здрави и не можат да го пренесат вирусот.
Според нив, докажано е дека девет дена по констатирањето дека еден пациент е позитивен, тој веќе не заразен, односно вирусот не е жив.
Министерот за здравство Венко Филипче има изјавено дека според анализите на МАНУ, препораката на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести се предвидува ослободување од изолација на позитивните пациенти без контролни тестови.
– Контролен тест за евиденција нема потреба да се прави, зашто опсежните анализи укажуваат на тоа дека детектираните вируси во контролните брисеви апсолутно не можат да предизвикаат инфекција – истакна Филипче.
Матичните доктори во овие ситуации им препорачуваат на пациентите неколку дена да прават измивање на носната и усната шуплина со чај од жалфија, бетадин од еден процент или, пак, хидроген од три проценти, па дури потоа да го повторат контролниот тест.

[email protected]