Средба Заев-Фенгхе

Премиерот Зоран Заев прими делегација на Министерството за одбрана на Народна Република Кина предводена од министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе.

Претседателот на Владата Зоран Заев во своето обраќање пред гостите од НР Кина нагласи дека двете земји ги исполнуваат своите обврски од Договорот за соработка во сферата на одбраната, особено во делот военото образование и обуки, информираат од неговиот кабинет.

Додаваат дека Заев на средбата апелирал до министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата која започнува утре.

Генерал Веи Фенгхе на средбата истакнал дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради ковид-19.

Премиерот Заев посебно се задржал и на економската соработка меѓу двете земји и изразил надеж дека работните тела на министерствата за надворешни работи на Македонија и НР Кина набргу ќе ги завршат разговорите за укинување на визите со што ќе се постигне уште еден значаен чекор за уште поголем раст на трговската соработка, како и за интензивирање на соработката во туризмот.

Укинувањето на визите, рече на средбата премиерот Заев, ќе помогне да се оствари амбицијата на двете земји трговската размена идната година да ја достигне вредноста од милијарда долари, која во 2020 година достигна до 763 милиони долари.

На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, премиерот Заев, истакнал дека оваа официјална посета на Министерството за одбрана на НР Кина, е уште една значајна потврда на добрите односи меѓу двете земји кои во последните години имаат позитивен и нагорен раст.

Министерот за одбрана на НР Кина генерал Веи Фенгхе на средбата во Владата го пренесе своето и задоволството на Владата на неговата земја за степенот на соработка на двете министерства, и особено од остварувањето на позитивните трендови во економијата кои произлегуваат од консензуалниот договор меѓу Северна Македонија и НР Кина за унапредување на релациите меѓу стопанските субјекти на двете земји, известуваат од владините служби.


Македонија ќе соработува со Кина во рамки на процесот „17+1“

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Веи Фенгхе, кој престојува во посета на Македонија.

На средбата били разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, кои се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и почит, соопштуваат од кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски истакнал дека Македонија, која е членка на НАТО и земја-кандидат за членство во Европската Унија, ќе соработува со Народна Република Кина во рамки на „Процесот за соработка 17+1“.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за севкупната техничка помош доделена од Народна Република Кина која се реализира преку проекти во различни области.

Посебна благодарност претседателот Пендаровски упатил за доделената помош во борбата против Ковид-19, преку доделување на финансиски средства и заштитна опрема.

Пендаровски ги истакнал и очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против ковид-19.