Македонските граѓани со недоверба гледаат на потегот на Бугарија за донирање на вакцините против ковид-19, сомневајќи се во искрените намери на Софија. Во мини-анкетата со неколку стотини граѓани деновиве добивме идентични и многу слични одговори на тоа како гледаат во моментов македонските граѓани на најавената донација на вакцини против ковид-19 од Бугарија. Но се консултиравме и со повеќе аналитичари и професори…
Одблесоци во јавноста од најавата на Софија за донацијата на вакцини
за Македонија
Бугарија најави донација на вакцини против ковид-19 за Македонија, појаснувајќи го овој чин како помош за „пријателите“, иако неодамна токму тие беа единствените што го спречија одобрувањето на преговарачката рамка на земјава со Европската Унија и одржувањето на првата меѓувладина седница, со која ќе беше означен почетокот на пристапните преговори.
Потегот на Софија ја зачуди овдешната јавност, која не верува во искрени бугарски намери во време на блокада на македонските евроинтеграции и канонада од навреди од тамошните политичари упатени кон македонските граѓани.
Според познавачите на состојбите и оние што ги имаат пошироките информации, се разбира дека и таа донација не е безусловна, туку ќе се достави откако ќе се вакцинираат сите бугарски граѓани, а со оглед на бројноста на тамошното население и расположливите количества на вакцини во моментот, изгледа дека македонските граѓани подолго ќе чекаат на донацијата, ако воопшто и ја добијат.
– Солидарни сме со нашите пријатели и со нивните напори да излезат од кризата предизвикана од ковид-19. Тоа го правиме со најчисто срце, за животот и здравјето на нашите најблиски соседи – објави Борисов по владината седница, на која присуствуваше и македонскиот министер за здравство Венко Филипче.
Изјавите на Борисов, но и на другите бугарски политичари за „пријателскиот народ“ во соседната земја не можат да се протолкуваат никако поинаку освен како еден вид јазичен куриозитет, на зборови „пријатели“, во практика први „непријатели“. Впрочем, зошто на најблискиот пријател некој би му ги оспорувал идентитетот, јазикот и неговата историја, а уште повеќе зошто би му ја загрозувал и неговата европска иднина.
Поради тие причини македонските граѓани со недоверба гледаат на ваквиот потег на Бугарија, сомневајќи се во искрените намери на Софија. Во мини-анкетата со неколку стотини граѓани деновиве добивме идентични и многу слични одговори на тоа како гледаат во моментов македонските граѓани на најавената донација на вакцини против ковид-19 од Бугарија.
– Постојано нè нарекуваат браќа, пријатели, а сега демек ќе ни донирале вакцини, ама откако тие прво ќе се вакцинирале. Ова мене повеќе ми личи дека тие си прават маркетинг пред изборите, а можеби се правдаат и пред странците за ветото што ни го ставија, па сега сакаат на некој начин да се исперат и да покажат дека тие сè прават за нас, а ние со ништо не возвраќаме – вели Јован Атанасовски, занаетчија.
Тој додава дека државата требало да покаже малку подостоинствен однос при набавката на вакцините.
– Најпрво Грција ќе ни даваше вакцини, сега Бугарија, утре може и од Србија ќе бараме. Требаше државата да одвои пари навреме и да најде начин да воспостави контакт со компаниите што ги произведуваат вакцините и самостојно да ги набави, а не да чекаме другите да се вакцинираат, па за нас ако остане – нагласува Атанасовски.
Владата тврди дека навремено ги почнала сите процедури за набавката на вакцините и дека не се потпира само на донациите.
– Сите процедури за вакцините се навреме почнати. Не е точно дека само чекаме на донации за помош. Тие вакцини што ќе пристигнат во Грција, ќе бидат наменети и за нас – вели владиниот портпарол Душко Арсовски.
Некои од аналитичарите сметаат дека земјава дополнително го погазила сопственото достоинство потпирајќи се на донации од соседите.
– По ова што се случува со бугарската донација на вакцините, јас никогаш не сум се чувствувал толку бедно. Бедно, затоа што се оди во Софија и се чека донација, која, според мене, не е донација, туку е за пари и, второ, да очекувате Софија дека ќе ви подаде рака, а вие како Влада и држава не сте способни сами да ги обезбедите и да ги набавите – вели Љупчо Ристовски, политички аналитичар.
Според него, Владата покажала комплетна неумешност да се справи со ситуацијата за обезбедувањето на тоа што мисли дека треба да го обезбеди за своето население.
– Достоинствена и стаменита влада навреме си ги проценува процесите, навреме ги проценува критичните точки, навреме се обезбедува со тоа што треба за да го подобри здравјето на населението – истакнува Ристовски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски не ја исклучува можноста во бугарската донација на некој начин да има и стратегија за подобро претставување на земјата по ветото за Македонија, кое за многумина беше неразбирливо.
– Во донацијата на вакцини има елементи за еден вид перење пред меѓународната заедница. Тоа е познато во светската практика, кога нешто ќе се згреши, се бараат начини преку тој најразвиен пиар-систем да се поправат работите и да се каже дека тој некој е хуман и дека прави дејства што подразбираат општо прифаќање. Но во случајот со Бугарија тоа не го решава проблемот во однос на барањата врз кои тие го потпираа ветото – вели Андревски.
Донациите од соседите во кризни времиња се хуман гест несомнено, но хуманоста вистински ќе се доживуваше ако почиваше врз искрени, пријателски и блиски односи меѓу земјите и народите, наспроти романтичарските илузии на одредени политички елити за некои минати времиња.