Лидерите на ЕУ денеска во Брисел го започнуваат дводневниот состанок, на кој, меѓу другото, би требало да стане збор и за одредувањето датум за почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија.
Претходно министрите не успеаја да постигнат согласност околу одлуката за датумот, откако Франција отворено се спротивстави на ваквата идеја сè додека не биде усвоена нова методологија во пристапниот процес на земјите кандидатки за членство.
Забелешки имаа и Холандија и Данска, кои не се противат на доделувањето датум за Македонија, но се против датум за Албанија.
Финска, како земја претседавач со Унијата, во понеделникот понуди компромисно решение, во кое се предвидуваше Македонија да добие датум, а преговорите да се одвиваат според новата методологија за пристап што ја бара Франција, но овој предлог не помина.
– Франција смета дека европската перспектива на Западен Балкан е оправдана, но работите треба да се направат на кредибилен начин, за да може да се изгради доверба во регионот и во Европа – истакна францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан, образложувајќи ја француската позиција.
Од дипломатски извори во Луксембург и во Брисел не се исклучува можноста одлуката за датум за Македонија сепак да биде донесена во последен момент, а премиерот Зоран Заев во текот на вчерашниот ден отпатува во Австрија, од каде што треба да замине во Брисел, во обид да ги убеди европските лидери дека земјава го заслужила датумот.
– Ако лидерите на ЕУ в четврток или петок донесат негативна одлука за почеток на преговори, или ако повторно одлучат да ја одложат одлуката, нашата влада ќе биде мртва, не затоа што ќе бидеме пречувствителни, одлуката не зависи од нас, но мнозинството од парламентот ќе го изгубиме – рече Заев на вчерашната панел-дискусија организирана од австрискиот институт „Карл-Ренер“ и фондацијата „Фридрих Еберт“ за ЕУ-перспективите на земјава и домашните реформски процеси, која се одржа во Виена.
Македонскиот премиер уште еднаш предупреди дека доколку ЕУ не додели датум за Македонија, ќе отвори простор за други влијанија.
– Им ветивме на пратениците, им рековме да гласаат за промена на името, за промена на Уставот, за прифаќање на договорите со Бугарија и со Грција, затоа што ЕУ ни вети дека ќе испорача датум за преговори, а не за веднаш да станеме членка. Во оваа насока верувам дека ќе водат сметка да не им дадат простор на трети страни и да не дозволат да се врати радикалниот национализам во земјата – предупреди Заев.
Според него, позитивната одлука на ЕУ ќе значи мотивација и за лидерите од другите држави од регионот што имаат нерешени проблеми.
Пред состанокот на Европскиот совет, пратеничката група на зелените во Европскиот парламент го повика Советот да ги отвори пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.
– Северна Македонија и Албанија направија огромни напори да го следат реформскиот процес проектиран заедно со ЕУ. Сега ЕУ мора да ги исполни своите ветувања. Понатамошното одложување на двете одлуки го загрозува угледот на ЕУ во регион што станува област за конкуренција со многу други актери – истакна Рајнхард Бутикофер, европратеник од зелените и член на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент.
Поддршка за одредување датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ дадоа и германските бизнисмени.
– Колку подолго се одложува тоа, толку поразочарани ќе бидат граѓаните од ЕУ – порача Михаел Хармс, првиот човек на источниот комитет на германското стопанство во интервју за Ројтерс.
Според дипломатски извори, Франција има неколку забелешки поради кои ја блокира одлуката за одредување датум за Македонија и Албанија, во кои се наведува дека по конфликтите во 1990-тите години на територијата на поранешна Југославија, новите држави сè уште не успеале целосно да ги демократизираат своите општества, да го стабилизираат регионот, да се справат со криминалот и корупцијата, ниту, пак, да спроведат ефикасни реформи. Официјален Париз смета дека двете земји уште треба да работат на реформите, а за одлука за датумот да се разговара следната година.
Прашањето за датумот најверојатно ќе остане отворено до последен момент, но факт е дека европските лидери треба да ги почитуваат дадените ветувања, бидејќи еднаш прекршено ветување, тешко ја враќа довербата.