Одново во Белград

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (8)

Доаѓањето на Слободан Милошевиќ на чело на ЦК СК на Србија предизвика крупни промени во Србија и во покраината Косово. Бргу по изборот за претседател на СК на Србијa, Милошевиќ покажа внатрешна дисхармонија. Тој професионално се развиваше со многу технократски особини. Во „Техногас“, каде што работеше, се покажа дека е многу ефикасен и способен технократ. Тоа го покажа и како директор на „Беобанка“. Во неговото кусо искуство како претседател на ГК СК на Србија за Белград, продолжи со истиот начин на работа. Го задржа технократскиот стил. Тоа беа времиња на главните политички проблеми во Србија, кои доаѓаа од Косово, а за кои Милошевиќ знаеше многу малку.
Милошевиќ во 1986 година остана повеќе збунет отколку упатен од состојбите на Косово. Се случи пресвртница кога неочекувано беше принуден, на 24 април 1987 година, да појде на Косово и Метохија и да ги смири состојбите. На Косово Поле толпа српски жители настојувале да организираат марш на Белград за да го разбудат интересот на центарот за Косово. Дел од таа толпа во Косово Поле се судрил со косовската полиција, која, за да ги запре, употребила сила. Косовската полиција имаше многу искуства за употреба на сила кон демонстрантите Албанци. Милошевиќ ѝ се обратил на групата Срби и ги прашал во што е проблемот. Демонстрантите се пожалиле дека полицијата ги тепала. И тогаш Милошевиќ, набрзина, ја дал изјавата: „Вас никој не смее да ве тепа!“. Таа реченица од утредента стана главно мото во сите белградски медиуми и беше појдовна точка за невидена пропаганда дотогаш. И во таа ситуација се покажаа технократската ефикасност и брзина на Милошевиќ. Во периодот што следуваше, тој отворено тврдеше дека СК на Србија мора, со својата решителност, брзо да расчисти со косовскиот проблем.
Но, во Србија не мислеа сите така. Драгиша Павловиќ-Буцо, претседател на ГК СКС за Белград, долгогодишен близок соработник на Иван Стамболиќ, побара трпеливост и далековидост во приодот кон решавањето на косовскиот проблем. Слободан Милошевиќ се најде тешко погоден од исказите на Павловиќ:
– Не се решава косовското прашање – рече Драгиша Павловиќ – со лесно изречени и брзи ветувања, туку со знаење и трпеливост.

За таа изјава Драгиша Павловиќ беше силно нападнат од белградските медиуми. Поради тоа Иван Стамболиќ, тогаш претседател на Претседателството на СР Србија и долгогодишен ментор на Слободан Милошевиќ, повика на посмирена, потемелна и поодговорна политика на СК на Србија кон Косово. Таа изјава на Стамболиќ беше повод за свикување на Осмата седница на ЦК СК на Србија, на 24 септември 1987 година. На таа седница и не можеше да се слушне прeдупредувачкиот глас на Иван Стамболиќ и неговите приврзаници, кои беа прекинувани од приврзаниците на Милошевиќ. Се виде, уште на почетокот, дека седницата е добро подготвена. Со Бранислав Икониќ, тогаш претседател на Српското собрание, деновите од закажувањето до одржувањето на седницата, доста често се гледавме во Белград. Откако беше закажана Осмата седница, тие неколку дена, секојдневно Икониќ или ќе ме поканеше да појдам кај него во канцеларија или, пак, ќе дојдеше во Сојузното собрание, бидејќи зградите на тие две институции беа многу блиску. И покрај големата загриженост на Икониќ, тој во таа пригода, барем донекаде, беше оптимист. Ми зборуваше дека неговиот оптимизам, за исходот од закажаната седница се заснова на блиските контакти на пензионираниот генерал на Армијата и долгогодишен министер за одбрана на СФР Југославија, Никола Љубичиќ со Иван Стамболиќ. Генералот Љубичиќ го убедувал Стамболиќ дека уште на почетокот на закажаната седница ќе се јави за збор и ќе го поддржи. Икониќ сметаше дека тоа е многу важно, бидејќи српската јавност и српскиот народ особено ги почитуваа најугледните личности од војската.

Но, уште на почетокот на седницата, генералот на Армија Љубичиќ го поддржа Слободан Милошевиќ, а Ивана доста остро го нападна. Стана очигледно дека стариот генерал постигнал договор со Милошевиќ. Тоа се виде кога по паѓањето на Иван Стамболиќ од местото претседател на Претседателството на Србија, на таа функција беше избран токму генералот Никола Љубичиќ. Тој, по истекот на мандатот сојузен министер за одбрана, се изначека како пензионер на некоја нова функција. Во еден подолг период не му беше понудена од Стамболиќ и од ден на ден стануваше сѐ повеќе заборавен во јавноста. Во тој изминат период Иван Стамболиќ беше претседател на ЦК СКС и претседател на Претседателството на СР Србија. Стамболиќ, веројатно, не знаел за амбициите на генералот Љубичиќ или, пак, не ги „прочитал“. Во секој случај, тој не знаел за неговата скриена желба да биде еден од првите луѓе во српското раководство. Некој што тоа добро го „прочитал“, му сугерирал очигледно на Милошевиќ и тој му ветил на генералот дека ќе биде избран за претседател на Претседателството на СР Србија, откако ќе биде сменет Иван Стамболиќ.
По излагањето на генералот на Армија Никола Љубичиќ, кој силно го поддржа Милошевиќ, веќе беше дефиниран понатамошниот тек на споменатата седница и убедливо преовладуваа приврзаниците на Милошевиќ. Отворена поддршка на таа седница на Милошевиќ му дадоа многу угледни луѓе, освен генералот на Армијата Никола Љубичиќ, уште и Душан Чкребиќ, генералот Петар Грачанин и други. Сите тие застанаа на страната на Милошевиќ, против Иван Стамболиќ. Се заврши со гласањето. Милошевиќ доби огромна поддршка, а Иван Стамболиќ само осум гласа. Сите што гласаа за ставот на Стамболиќ, брзо беа разрешени од нивните функции, вклучувајќи го и Икониќ. По седницата, со месеци, Стамболиќ и неговите приврзаници им даваа отпор на обидите на Милошевиќ – Стамболиќ да биде разрешен од претседател на Претседателството на Србија. Неколку гласања во Претседателството на СР Србија завршија во одбрана на Иван Стамболиќ.

Чистењето на луѓето блиски до Иван Стамболиќ продолжи интензивно во Србија, а белградските медиуми создадоа атмосфера на омраза и погром кон нив. Втората фаза на политиката за чистење што ја спроведуваше Милошевиќ ги зафати високите косовски функционери, пред сѐ Албанци

Но, откако некои членови на Претседателството на СР Србија, кои особено го поддржува Стамболиќ, беа заменети со други и откако тој не даде оставка, беше разрешен, а наскоро потоа место него претседател на Претседателството на СР Србија стана пензионираниот генерал на Армијата, Никола Љубичиќ. Со тоа се покажа дека било точно дека пред 8. седница постоел договор меѓу Милошевиќ и генералот Никола Љубичиќ.
Чистењето на луѓето блиски до Иван Стамболиќ продолжи интензивно во Србија, а белградските медиуми создадоа атмосфера на омраза и погром кон нив.
Втората фаза на политиката за чистење што ја спроведуваше Милошевиќ ги зафати високите косовски функционери, пред сѐ Албанци. На челните позиции во Партијата и покраинската власт на Косово се изредија многу проверени кадри како што беа Џавид Нимани, Фадиљ Хоџа и други и беа брзо сменети од функциите поради „неуспешно спроведување на политиката на СК на Србија“. Некои од нив поради тоа истапија од СК, некои, пак, беа исклучени, како Фадиљ Хоџа. Тие луѓе целиот свој политички век го преживеаја во борба за развој на Косово и за јакнење на соживотот и меѓусебната доверба на граѓаните и нациите во Југославија. Таа линија на расчистување со партиските и државните функционери во Косово ги зафати подоцна и помладите партиски функционери, како што беа Азем Власи и Каќуша Јашари. Дојде време потоа кога Азем Власи, иако веќе не беше функционер, по повик од актуелните власти на Косово, отиде во рударските коридори во рудникот „Трепча“.

Откако отиде кај рударите, и не успеа да ги наговори да го прекинат штрајкот, доживеа Слободан Милошевиќ јавно да побара Азем Власи да биде уапсен и да му се суди, што набрзо беше и сторено. Овие непромислени потези на Милошевиќ му беа изнудени од фактот што во борбата за рамноправност на Албанците на Косово во меѓувреме дојде до пресврт со формирањето на Демократскиот сојуз на Косово од Ибрахим Ругова. Тој имаше многу успешна научна и уметничка кариера, па ја формира оваа организација како прва политичка партија, со цел да се прекине секое можно насилство од Албанците во Косово, врз Србите и Црногорците, и со намера Албанците да се борат за своите права по ненасилен пат. Случајот со Азем Власи покажа дека Албанците повеќе го слушаат Ругова отколку кој било друг.

(Утре: Моите средби со Лазар Мојсов)