Џафери во Еврпскиот парламент
Нашата досегашна соработка со Европскиот парламент, која се одржува во континуитет со несмален интензитет на повеќе основи, само ја потврдува подготвеноста на пратениците од двата парламента за дијалог, размена на мислења и поддршка на нашите реформски процеси, истакна претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
– За нас, вашата поддршка за постигнатите резултати и укажувања на областите во кои е потребен дополнителен напредок наведени во Резолуцијата која како Парламент ја донесувате секоја година, заедно со Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија на Европската комисија и Заклучоците на Европскиот совет, претставуваат основа за продолжување со нашите реформски напори за исполнување на потребните критериуми за членство во ЕУ – рече Џафери.
Џафери додаде дека Македонија во изминатата декада се најде во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Според него, во однос на европските интеграции, земјата постигна импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел промени одредени сектори во нашето општество и значително ги унапреди односите со соседите за надминување на отворените прашања. Нивното решавање, како што рече Џафери, бараше дипломатичност, смиреност и отстапки кои беа поздравени од сите наши стратешки пријатели во Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Таа посветеност придонесе за добивање зелено светло од страна на Советот на Европската Унија за отпочнување на преговори за членство. За жал, како што изјави, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди, додаде тој.
– Сакам да нагласам дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство. Доколку сме перципирани како регион кој произведува повеќе историја отколку што може да ја консумира, не смееме да дозволиме таа историја да ја проголта иднината на новите генерации за кои главните животни постулати се базираат на развиена економија, повеќе работни места, дигитална технологија, здрава животна средина, образование и иновации, слободен проток на лица, капитал и услуги. Вложивме премногу жртва, време, енергија и политички поени за да го испорачаме ветеното, не само поради барањата на европските институции, туку и поради фактот што процесот на проширување се покажа дека е двигател на реформите во сите пори на нашето општество – потенцира собранискиот спикер.
За него, секое одложување сериозно ќе се одрази на политичко-економската ситуација во нашата земја, но и ќе има свое влијание и на останатите земји во регионот кои споделуваат исти или слични отворени прашања со своите соседи. Сметам, рече Џафери, дека без одложување треба да се одреди датум за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која ќе го означиме формалниот старт на преговорите за Република Македонија.