Фото: Дарко Андоновски

Колку Македонија би можела да купува оружје и да набавува воена технологија од сојузниците користејќи ги офсет-аранжманите. Што значи овој тип плаќање во контекст на модернизацијата, вооружувањето и интероперабилноста на АРМ, во пресрет на зачленувањето во НАТО? Но исто така што ќе значи ваквиот тип плаќања за домашната економија и буџет, со оглед на тоа што предвидените средства за таа намена се високи?

Неодамна министерката за одбрана Радмила Шекеринска во ТВ-интервју изјави дека македонската армија во следните пет години ќе биде засилена со 150 нови оклопни транспортери и возила за лесната пешадија од американско потекло. Во интервјуто, Шекеринска појасни дека станува збор за вкупна инвестиција од 150 милиони долари, а поголемиот дел од парите, околу 120 милиони долари, ќе биде покриен од домашниот буџет. За остатокот ќе партиципираат САД. Министерката во телевизиското гостување информира дека од американска страна се зголемува поддршката за оваа намена со 37 милиони, кои нема во целост да одат само за набавка на возилата туку ќе одат и за набавка на дополнителна опрема за нашата пешадија. Министерката за одбрана, во контекст на ова прашање, исто така ги имаше предвид т.н. офсет-аранжмани за набавка на опрема и оружје за модернизација на нашата армија, при што истото тоа (како задолжителна обврска) би имало исклучително позитивен импакт на нашето стопанство, во смисла на спречување значаен одлив на девизи од домашната економија и буџет. Во истиот контекст, размислувањата на министерката индицираат дека ако буџетските средства што се наменети за развој и за опремување на нашите воени сили, а кои е неминовно да се потрошат, се стават во рамките на офсет-аранжман, тогаш, всушност, таквиот аранжман е во функција на развој на македонското стопанство. Со тоа, споменатиот (компензациски) аранжман реално се поврзува со пласман на домашните производи за потребите на НАТО-членките. Со тоа, потегот е со двоен позитивен ефект и е планиран исклучително домаќински.

Трговија со офсет-аранжмани за оружје – што знаеме за тоа

Во контекст на таквите најави, за обележување се информациите објавени во публикација насловена „Трговија со офсет-аранжмани за оружје – што знаеме за тоа“, од авторите Јурген Брауер и Пол Дуне, универзитетски професори, во која се истакнува дека, според јавно објавените информации во светот за трговијата за оружје, само за 2007 година САД успеале да извезат оружје вредно 16,7 билиони американски долари, од што дел од заработката, односно 6,7 билиони, или приближно 40 проценти, бил наплатен со офсет-аранжмани со државите купувачи на оружјето. Авторите во публикацијата пишуваат дека во трговијата со оружје правилото на офсет-аранжманите зазема централно место во преговорите и зeмјите како Британија, Германија, Данска, Финска, Норвешка и Шведска, кога набавуваат или продаваат оружје, се обидуваат целиот купопродажен договор да го извршат со компензација.

– Типичен успешен пример за примена на офсет-аранжман може да се најде во 2009 година, кога Полска потпиша договор со американска компанија вреден 3,5 билиони долари и набави борбени авиони – пишува во студијата.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски вели дека офсет-трговијата е забележливо присутна во светот и меѓу НАТО-сојузниците во големиот број процеси за набавка на оружје и воена технологија.
Марковски вели дека „офсет“ практично значи набавка во која, наместо дел од средствата да се финансии, се компензираат со трговски добра.
– Овој начин на купопродажба на вооружување е можен во оние случаи во кои двете земји, и купувачот и продавачот, се заинтересирани и согласни да се изврши зделката со компензација. Најпрво се врши процена на вредноста на оружјето, а потоа и процена за вредноста на добрата или услугите што ги нуди страната што го купува вооружувањето. Потоа сето тоа се регулира со меѓународен договор и во законски рамки се завршува трговијата со помош на т.н. офсет-аранжман – вели Марковски.

Тој додава дека за конкретниот случај, набавката на оружјето е извршена со помош на американска донација од фондација вредна 37 милиони долари, а во наредните години, следствено утврдената динамика, државата би требало да ги исплаќа средствата од буџетот за набавка на транспортните возила.
За потсетување, и некогашниот претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија, Мирче Чекреџи, на трибина насловена „Примена на офсет-програмите во Македонија“, одржана во 2012 година во Скопје, истакнал дека идејата за офсет-аранжманите за набавка на оружје е базично развојна за македонското стопанство, затоа што во општата глобализација на светската економија, само воената индустрија е затворена, односно практично е недостапна за македонските компании.

– Ако буџетските средства што ќе бидат наменети за развој и за опремување на нашите воени сили, а кои е неопходно да се потрошат, се ставаат во една функција на развој на македонското стопанство, ние би биле задоволни кога овие аранжмани би се врзувале со домашни производи – изјави Чекреџи.
Повеќе соговорници на оваа тема, веднаш ги согледаа добрите иницијативи на МО, подвлекувајќи дека ваквата практика е постојна во светот и ја поздравија иницијативата на државата, истакнувајќи го полскиот пример како најпластичен и најплоден за таа држава, што може да послужи како образец за нашата држава и истото тоа може да се смета достојно за поддржување и следење.


Македонски бизниси што соработувале со НАТО

Изминативе години во јавноста веќе беа регистрирани неколку примери во кои македонски фирми индиректно и директно имаа бенефиција од својата трговија со Алијансата. Имено, уште во 2015 година медиумите лиферуваа информација дека неколку македонски фирми почнале да ја снабдуваат американската армија во НАТО со свои производи.
Имено, Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе шари“, која произведува јајца, за медиумите изјави дека, благодарение на компанијата „Еколог“, која е присутна во целиот свет и во Македонија и која е една од компаниите снабдувачи на НАТО и на ОН, неговата фирма веќе почнала да ја снабдува американската војска во НАТО со наши производи насекаде во светот. Во тогашната изјава на Абдурахмани се наведува дека, освен со јајца, НАТО ќе се снабдува и со сувомесни производи од домашната компанија „Лекер“, што, секако, ќе зависи од потребата на „Еколог“, која е каналот за оваа бизнис-зделка.
Од друга страна, за обележување е фактот дека домашните компании редовно учествуваат на НАТО-базарите и саемите. На еден ваков саем, насловен НАТО-базар, одржан неодамна во Брисел, медиумите оценија дека македонскиот ајвар и вино биле едни од главните атракции на манифестацијата.

[email protected]