Фото: Маја Јаневска-Илиева

Набљудувачката мисија на ОДИХР за вториот круг од локалните избори посочи дека изборите во Македонија поминале во натпреварувачки дух и изборната администрација вложила напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг, но негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжија да имаат негативно влијание на изборите.

Шефицата на Мисијата, Тана Де Зулиета, на денешната прес-конфернеција истакна дека лицата што ги спроведуваа изборите ги извршиле техничките подготовки за вториот круг, а преземале и мерки да се одговори на техничките проблеми од првиот круг. Вчерашниот изборен ден се одвивал непречено, но сепак, посочува Де Зулиета, забележани се некои одредени недостатоци.

Во однос на известувањето на медиумите, набљудувачите од мисијата посочија дека радиодифузерите кои биле мониторирани обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите биле неутрални.

Де Зулиета изјави дека изборите во Македонија би можеле да бидат поинклузивни за независните кандидати, како и за оние што застапуваат помали партии. Таа исто така посочи дека може да се подобри изборната рамка, да се постигне рамнотежа во системските нееднаквости при водење кампањи и да се зголеми учеството на жените во политичкиот живот.

Според неа, набљудувањето на изборниот процес во вториот изборен круг не било на систематски сеопфатен начин, но членовите на Мисијата посетиле ограничен број избирачки места на кои процесот на гласање е оценет како добро организиран, транспарентен, мирен, иако се регистрирани изолирани инциденти кои биле пријавени од властите.

Мисијата за набљудување на ОДИХР на изборите започна со работа на 7 септември со тим од 16 експерти, додека вториот круг го следеше со 23 набуљудвачи од 13 земји. Конечниот ивештај со препораки за подобрување на изборниот процес ќе биде објавен по два месеца од изборите.


Во тек е рокот за поднесување приговори за вториот изборен круг

Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, информира дека е почнат рокот за поднесување приговори за овластените претставници, кој трае 48 часа, поточно до среда до 14 часот, кога тогаш беше објавена и конференцијата, информираше Даштевски, кој посочи дека има одредени забелешки и записници.