Предвремените парламентарни избори во Македонија беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила, велат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во денешната изјава.
– Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување на избори, и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања, подолго време пред одржувањето на следните избори – рече Лаима Андрикиене, шефицата на СМПИ на ОДИХР.
Околу 1,8 милиони лица имаа право на глас на вчерашните предвремени парламентарни избори кои беа одложени поради пандемијата со ковид-19. Изборната администрација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови, и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно, и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на избирачкиот список останаа неадресирани.
Законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишувањето на изборите, коешто е спротивно на меѓународните добри практики. Континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност, и сѐ уште им е потребна суштинска ревизија.
Кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките, иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика, на сметка на суштински дискусии за политики. На медиумското известување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии. Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОДИХР во Македонија започна со работа на 19 јуни и ќе заврши на 23 јули. СМПИ се фокусираше на прашања идентификувани од страна на Мисијата за проценка на потребите на ОДИХР, со цел да процени во која мерка изборите беа спроведени во согласност со заложбите на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.