Експертите се согласни дека ваков вид терапија се бара уште од почетокот на оваа глобална здравствена криза
Што ако една обична таблета може да помогне да се излекува болен од коронавирусот? Американските фармаколошки гиганти „Мерк“ и „Фајзер“ неодамна излегоа со охрабрувачки резултати од тестирањата на нивните орални медикаменти за оваа пандемиска болест. Станува збор за таблети што се земаат орално уште при првите симптоми на ковид, со што се избегнуваат потешките форми на болеста, а со тоа и болничкото лекување.
Ваков вид терапија се бара уште од почетокот на оваа глобална здравствена криза. По неколкумесечни истражувања, „Мерк“ и „Фајзер“ објавија дека стигнале до целта.
На почетокот на октомври, „Мерк“ излезе со информација дека бара дозвола за употреба на својата таблета „молнупиравир“ на територијата на САД, а минатата недела истото го направи и „Фајзер“ за својата таблета „паксловид“
Во двата случаја се работи за антивирусни лекови, кои дејствуваат на тој начин што ја намалуваат можноста за репликација на вирусот, со што се забавува развојот на болеста.
Притоа, двете компании тврдат дека според наодите од клиничките испитувања, употребата на медикаменти значително го намалува ризикот од хоспитализација.
Компаниите тврдат дека „молнупиравир“ го намалува ризикот за 50 отсто, а „паксловид“ за 89 отсто, иако стапките на ефикасност не би требало директно да се споредуваат, затоа што се работи за различни протоколи во спроведувањето на тестирањата.
Исто така, според студијата на бразилските научници, која во октомври беше објавена во списанието „Лансет“, антидепресивот што е веќе достапен во јавноста, а е познат како „флувоксамин“, покажал охрабрувачки резултати во спречувањето сериозни форми на болеста.
Таблетите ќе бидат голем чекор напред во борбата со коронавирусот
Потврдата за ефикасност на таблетите ќе биде голем чекор напред во борбата со коронавирусот и рака под рака со вакцината ќе влијае на зајакнување на терапевтскиот арсенал против ковид-19. Терапиите веќе постојат – главно во форма на синтетички антитела – но тие обично се аплицираат (инјектираат) кај пациенти што се наоѓаат во сериозна фаза на болеста. Од друга страна, таблетите може брзо да се пропишат и лесно да се земаат, без притоа пациентот да мора да го напушти својот дом.
Лекувањето со таблетите на „Мерк“ и на „Фајзер“, кои засега не предизвикуваат голем број несакани ефекти, би траело пет дена, преку орална примена на две дози дневно.
– Успехот на овие антивирусни лекови отвора ново поглавје во спречувањето на тешките последици од коронавирусот – изјави британскиот виролог Стивен Грифин.
Колкава е успешноста на терапиите со таблетите?
Тешко е да се излезе со сигурна процена околу успешноста на терапиите на „Мерк“ и на „Фајзер“, затоа што овие компании сè уште ги немаат објавено податоците од клиничките испитувања.
Карин Лакомб, еминентна француска експертка во оваа област, ја предупреди јавноста дека ваквите објави на фармацевтските компании треба да бидат земени со доза претпазливост, сè додека нивните испитувања не поминат низ научни рецензии. Притоа, таа истакна и дека овие таблети би можеле да им донесат на компаниите еден „потенцијално голем пазар“.
Според мислењето на многу независни експерти, одредени елементи укажуваат на тоа дека „Мерк“ и „Фајзер“ не излегле со лажни ветувања. Имено, и двете компании ги прекинаа своите клинички истражувања порано од очекуваното – со благослов од независните надзорни одбори – затоа што резултатите беа многу поволни.
Од друга страна, кога станува збор за антидепресивот „флувоксамин“, податоците се веќе достапни за пошироката јавност и веќе наидоа на одредени приговори.
Неколкумина научници ги критикуваа авторите на студијата, велејќи дека тие не се ограничиле само на процената околу зачестеноста на хоспитализациите, туку ја анализирале и зачестеноста на продолжениот болнички престој, што, според нив, ја комплицира интерпретацијата на податоците.
Колку чини една терапија со таблетите?
„Молнупиравир“ на производителот „Мерк“ веќе доби одобрение за употреба во Велика Британија. Тамошните здравствени власти му дадоа зелено светло во лекувањето лица со зголемен ризик од тешка клиничка слика, како што се постарите, дијабетичарите и оние со зголемена телесна тежина.
Американските и европските здравствени власти ја забрзаа процедурата за евалуација на овие лекови. Неколку држави веќе нарачаа одредени контингенти на „молнупиравир“, како на пример САД, кои извршија нарачка од 1,7 милион дози од овој лек. Наедно, американската нарачка ја навестува и потенцијалната цена на медикаментот. Нејзината вкупна вредност изнесува 1,2 милијарда долари, што би значело дека една петдневна терапија со „молнупиравир“ би чинела околу 700 долари (во развиените земји), но во земјите во развој околу 20 долари за петдневна терапија.
Што се однесува до „Фајзер“, од компанијата сè уште ја немаат објавено цената на „паксловид“, но челниците излегоа со ветување дека таа ќе биде „пристапна“.