Советот на јавни обвинители вчера го констатира и прекинувањето на мандатот на обвинителите од СЈО, откако во саботата беше разрешена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, поради несовесно и нестручно работење. Според изјавата на претседателот на Советот на обвинители, Ацо Колевски, досегашните обвинители на СЈО треба да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.
– Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро треба да се вратат во Основното јавно обвинителство Скопје, Лиле Стефанова во Радовиш, Бурим Рустеми и Љубомир Лапе во ОЈО-Куманово, Елизабета Јосифовска во ОЈО-Кичево, Стевчо Донев во ОЈО-Кочани – прецизира Колевски.
Во саботата, по едногласната одлука на Собранието, Советот го констатира разрешувањето на специјалната јавна обвинителка Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“. Предметите на СЈО ги презеде Јавното обвинителство.
Но обвинителите од СЈО нема веднаш да се вратат на старите работни места во основите обвинителства, бидејќи минатиот петок државниот обвинител Јовески им ги довери на чување предметите што ги работеа во СЈО сѐ додека тој не утврди за секој предмет поединечно кое обвинителство е надлежно и кој обвинител ќе го води.