Деталите за идната рестриктивна политика на Европската Унија се очекува да бидат презентирани во почетокот на јуни годинава, а кон нив ќе мора да се придржува и Македонија, тврдат експертите
Европската Унија планира да воведе дополнителни такси и даноци врз земјите- членки на Унијата, државите аспиранти како Македонија, но и сите други што економски тргуваат со пазарот што го контролира Брисел. Според американскиот магазин „Политико“, ваквиот нов план на ЕУ е резултат на амбициите на Унијата да стане светски лидер во екологијата и во спречувањето на штетите од климатските промени.
ЕУ планира да ги стави во сила овие свои нови рестриктивни мерки во временски период од 2030 година до 2050 година.
– Многу од деталите за идната рестриктивна политика на Европската Унија сѐ уште не се откриени, останува Европската комисија овој свој нов сет на мерки да го презентира во Брисел во почетокот на јуни годинава – пишува „Политико“.
Медиумот потенцира дека предводник на оваа нова европска политика е Франција, која е поддржана уште од девет земји-членки, и додава дека останува во наредниот период по неа да се изјаснат и остатокот држави-членки на европското семејство.
Во меѓувреме, Македонија е држава што се стреми колку што е можно поскоро да биде членка на Унијата, но истовремено и земја што има сериозен проблем со загадувањето на воздухот и со зачувување на екологијата и животната средина. Во таа насока се наметнува и дилемата што ќе значат за државата овие новини што доаѓаат од Европската Унија и како тие ќе се рефлектираат врз граѓаните.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека процесот на преговори за членство во Европската Унија за Македонија ќе значи усвојување на нејзините придобивки и вредности, но и целосно приспособување на македонските институции кон начинот на функционирање на институциите на Унијата.
– Една од областите на кои во иднина ќе треба со сигурност да ѝ се оддаде многу поголемо внимание од сега се и екологијата и зачувувањето на животната средина – вели Стефаноски.
Тој посочува дека иако најавите за воведување нови трговски такси и дополнително оданочување на државите звучат многу заканувачки, тие, сепак, се очекувани од политичките кругови во Брисел.
– Имено, Брисел отворено ги промовираше својот сет мерки, насловени како зелена зделка на ЕУ, кои јавно ги објави на неодамнешната париска климатска конференција. Дополнително, самите еколошки политики беа составен дел и од „изборната“ кампања на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Па, оттука, не е ништо ново во овој развој на настаните – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека од македонска перспектива на случувањата, нас треба да нѐ загрижува исполнувањето на 27-то поглавје за нашето исполнување на еколошките стандарди и правила ако некогаш сакаме да станеме членка на Унијата.
– Во практика, ако нашите политичари не се грижат во иднина повеќе за животната средина, тоа значи дека ем никогаш нема да влеземе во ЕУ ем дополнително трговијата со државите-членки на Унијата ќе се отежни, со зголемени даноци и такси. Па, оттука, императив е што поскоро нашите елити да ги засукаат ракавите и да почнат да се занимаваат со „зелените“ политики на Македонија – резимира политикологот.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е фактот дека Македонија е меѓу земјите од регионот што лани ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која до 2050 година се обврзаа да спроведат исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите-членки на Европската Унија.
Според документот, Декларацијата се заснова на пет столба: првиот е клима, енергија и мобилност, вториот е циркуларна економија, потоа следуваат деполуција, одржливо земјоделство и производство на храна, а последниот столб е заштита на биодиверзитетот.
Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ вели дека кога ЕУ излегла со својата политика за новиот зелен договор, кој важи за нејзините членки, исто така почнала да работи и на иста таква верзија за Западен Балкан, за да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент до 2050 година.
Тука е таа поврзаност, според Чоловиќ-Лешоска, меѓу европскиот зелен договор и зелената агенда за Западен Балкан, бидејќи овде се пресликани истите принципи што ќе важат за земјите-членки на ЕУ.
– Така што јас сметам дека не е прашање тоа дали ние сакаме или не сакаме да ги имплементираме овие мерки, мислам дека е прашање на време кога ќе ги имплементираме, бидејќи Европа донесе и економски инвестициски план од девет милијарди евра за регионот, за да се применат сите оние мерки што се предвидени во политиката на зелената агенда – вели Чоловиќ-Лешоска.
Експертката укажува и на потребата на јавноста од внимателност во овој правец, бидејќи, како што вели, властите од Балканот досега покажале дека не се премногу амбициозни во спроведувањето на мерките за заштита на животната средина, како и ветувањата што ги имаат дадено.