Ако се следат уставната рамка и членот 90 од Уставот, претседателот на државата треба да и го довери мандатот на партијата или коалицијата што има мнозинство во Собранието. Мандатарот има рок од 20 дена да ја состави владата, која треба да добие мнозинство во Парламентот
Течат роковите во кои треба да се одржи конститутивната седница на новоизбраното Собрание, која, според законот, треба да се одржи 20 дена по одржаните избори или најдоцна до 5 август.
Според Уставот, конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, Талат Џафери, за кој собраниски извори велат дека најверојатно ќе ја свика на 30 јули.
Во случај да не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
По ова, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да му го довери мандатот за состав на владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Според неофицијалните резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, а кои ги соопшти Државната изборна комисија (ДИК), коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, освои 46 мандати, коалицијата „Обнова“ на ВМРО-ДПМНЕ доби 44 мандати, ДУИ 15 мандати, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден.
Ако се следат уставната рамка и членот 90 од Уставот, претседателот на државата треба да ѝ го довери мандатот на партијата или коалицијата што има мнозинство во Собранието. Мандатарот има рок од 20 дена да ја состави владата, која треба да добие мнозинство во Парламентот.
Во случај мандатарот да не успее да состави влада, должен е да го врати мандатот, но во македонскиот устав нема јасна одредба што се прави откако мандатарот нема да состави влада во предвидениот рок.
Таков случај имаше на изборите во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ како партија со најмногу освоени пратенички места го доби мандатот за состав на нова влада, но откако меѓупартиските преговорите не успеаја, тогашниот мандатар Никола Груевски го врати мандатот кај претседателот, кој му го довери на тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, истовремено барајќи од него да потпише писмени гаранции дека нема да ја загрози унитарноста на државата, како и потписи од сите пратеници што ја дале поддршката за владата на Заев.
Досегашната практика беше секогаш мандатот да ѝ се доверува на партијата што освоила најмногу пратенички места, а доколку не успее да состави влада, мандатот ѝ се доверува на втората партија што обезбедила најголем број мандати.
Според професорот Борче Давитковски, најдобра варијанта е мандатот да му се додели веднаш на оној што има обезбедено 61 пратеник.
– На тој начин нема да се губи време, туку што поскоро ќе биде изгласана политичка влада што ќе треба да се справува со заканите што се пред нас, како пандемијата, која зема сè поголем замав. На крајот од краиштата, постои и Собрание што ќе може да ја контролира работата на таа влада и ако нешто не функционира, тогаш да се оди на нови избори – смета Давитковски.