БЛЕРИМ РЕКА

Зошто сметате дека токму вие сте најдобриот избор за граѓаните и кои се клучните фундаменти на вашата програма?
Затоа што јас сум за републиката како фундаментален и универзален концепт. Републиката е во центарот на програмата на мојата претседателска кандидатура. Македонија е држава, но не и република. Вистинската република ја прават: владеењето на правото, функционалната демократија, независното судство и почитувањето на човековите права. Дали ги имаме овие точки функционални во нашата држава? Не. Имаме политизирано судство, непотизирана јавна администрација, селективна правда и неизвесно специјално јавно обвинителство. Моите приоритети за мултиетничка и евроатлантска република со нула проблеми со соседите, се во функција на поединецот, на превенција на празна држава, т.е. на спречувањето на иселување на народот. Во спротивно, ако не успееме, тогаш во ЕУ пред државата ќе се „интегрираат“ нашите иселени граѓани, додека Република Северна Македонија, можеби, и ќе биде во ЕУ, но како празна држава.

Каква е вашата оцена на односите со соседите (Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Косово), но и со вкупната меѓународна заедница и големите сили, САД, Русија, Кина, и какви се вашите позиции за градење на меѓународната политика на државата?
По годините на изолирана држава, оптоварена со соседските спорови, Република Северна Македонија ги затвори двете билатерални отворени прашања со Бугарија и со Грција, а верувам наскоро и третото, со Србија за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква и спорот околу „Прохор Пчињски“. Со другите два соседа, Република Косово и Република Албанија, досега сме немале отворени прашања, а верувам и во иднина остане така. Една четвртина од населението и половината од нашите државни граници со овие две држави, беа мост за градење добрососедски односи. Како иден претседател ќе продолжам со оваа помирувачка соседска политика на платформата: нула проблеми со соседите. На регионален план, како претседател ќе работам на реализација на мојот проект Договор за слободна трговија на Балканот (БАФТА) од 1998 година или еден вид балкански бенелукс, со слободни граници и слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. „Отворени граници, отворен ум“ ќе биде мојата регионална филозофија. Таа моја визија од пред 20 години, подоцна се реализира делумно преку ЦЕФТА, (2005), а последниве години билатерално помеѓу земјите со преминот на границите со лични карти и редуцирање на административните и царинските контроли (2008-2018). Овој модел на балканскиот мини-шенген треба да продолжи, како и Берлинскиот процес, како регионален концепт на здружено интегрирање на целиот Западен Балкан во ЕУ. Впрочем, нешто такво веќе започна со заедничкиот скрининг за Албанија и за Македонија. Познавајќи ја балканската трагична историја: секој против секого, ќе се залагам за зачленување во пакет на сите земи од регионот во ЕУ, за да се избегне ветоизацијата на првата земја-членка против другите. Со декади, ние самите ги чувствувавме последиците на ветото на една земја-членка на ЕУ. Со заедничкото зачленување на сите земји од Западен Балкан, ќе се одбегнат новите ветоизирања против соседите, а со тоа и ќе се спречи балканизирањето на Европската Унија. Како 30-та земја-членка на НАТО и како идна земја-членка на ЕУ, како претседател на државата ќе ја спроведувам заедничката надворешна и безбедносна политика на НАТО и на ЕУ.

Ваша оцена за степенот на демократијата и слободата на медиумите во Македонија, борбата со корупцијата и непотизмот, односно за сите забелешки што се посочуваат во извештаите за нашата држава и какво е вашето согледување за да се поправат состојбите?
Не само слободата на медиумите и борбата со корупцијата и организираниот криминал, кои се и ќе останат мои приоритети, туку генерално воопшто длабоко верувам дека државата ќе се ослободи и ќе се деперсонализира, но тоа сѐ уште не се случи. Затоа враќањето на републиканскиот поредок и деперсонализација на државата, се објективи на мојот претседателски мандат. Државата не е приватна сопственост, туку наследство на сите нејзини рамноправни граѓани. Северна Македонија, како мултиетничко општество, треба да биде и мултиетничка република. Републиката не познава дозирана демократија за „статистички нации“, на кои потоа им се доделуваат процентуални права. Ниту нацијата е статистичка, ниту правата се процентуална категорија. Во републиканскиот поредок нема „давање права“, затоа што нив ги добиваме со раѓањето во оваа држава, а не како дискрециски подарок од власта: кому, кога, и колку права може да му се дадат. Овој мој објектив за вистинска република, ќе го елаборирам преку моите приоритети: од стабилизирање на меѓуетничките односи (на внатрешен план); до евроатлантската надворешна политика и добрососедската коегзистенција (на надворешен и регионален план); а сите како предуслови за враќање на перспективата за животот во Македонија.

Во кампањата клучна тема се дебатите поврзани со Преспанскиот договор, иако во предизборието доминираат и други теми како иселувањето на населението и економските прашања, кои, всушност, не се области во надлежност на претседателот. Како ги објаснувате вие овие две работи?
Економијата не е во уставните надлежности на претседателот, но без економски раст не ќе можеме да ги задржиме младите. Имено, ако не успееме, предвидувањата зборуваа дека со уште 23 отсто можни иселени, во наредните две декади, Македонија може да остане без половината од своето население. Ако сега не ја вратиме републиката, а со тоа и довербата на граѓаните кон државата, ние ќе се зачлениме како празна држава. Нашите граѓани дотогаш веќе ќе бидат „интегрирани“ во ЕУ. Затоа сум за евроатлантска република, како интегрирана држава со своето население. Ако не успееме да изградиме република со правна држава ќе завршиме како празна држава.

За разлика од другите двајца кандидати, на вашата кандидатура се гледа и од етничка димензија, а вие самите, меѓу другото, во одредени настани го нагласувате моментот на влијанието на гласовите на Албанците на овие избори и истовремено говорите за ресоцијализација на борците на ОНА. Кој е вашиот коментар за ваквиот приод и кој е вашиот рецепт за надминување на длабоката политичка поларизација на државата?
Системот на државата е конципиран на таков начин што претседател се избира преку директни претседателски избори од граѓаните, а во тие избори според демографскиот статистички показател се заклучува дека според бројот на населението е невозможно Албанец да стане претседател, но исто така во тој контекст може да се заклучи и слободно дека без гласовите, пак, на Албанците во земјата исто така е тешко да се избере претседател на државата. Јас, колку што знам, здружението ветераните на ОНА е здружение што е правно регистрирано во државата според македонските закони во 2002 година. Нивните бивши команданти се 18 години во Владата и во парламентот. Нивниот главен командант е поддржувач и предложувач на кандидатурата на претседателот, кој се вика консензуален. Нивниот бивш командант е и претседател на Собранието. И другите нивни команданти се министри или заменик-министри или градоначалници на општини и така натаму. Не знам за која ОНА ме прашувате дали таа што е во Владата и со ВМРО и со СДСМ сите овие 18 години или некоја друга. Јас во кампањата ќе им се обратам на сите здруженија и сите граѓани во таа смисла и овие луѓе ветерани на ОНА. Натаму во врска, пак, со ресоцијализацијата на ОНА знам дека анексот Ц од Охридскиот рамковен договор и по 18 години и натаму не е спроведен, иако од 2008 г. имаше предлог-нацрт закон за решавање на ова прашање и за регулирање на нивниот статус.

Еден од кандидатите најави дека вие би му одзеле дел од гласовите во првиот круг. Какви се вашите очекувања за првиот круг и што за вас претставува успех во него и дали, можеби, има меѓупартиска координација за евентуално прелевање или размена на гласовите во вториот круг од изборите?
Не коментирам кафе-муабети. Јас ќе бидам во вториот круг. Сметам на гласовите на сите граѓани, кои веруваат во евроатлантска и мултиетничка република. Како е можно наши сограѓани да просперираат надвор, а не дома? Тие се истите наши граѓани. Затоа, ни треба вистинска република, на која ќе ѝ веруваат граѓаните, а не држава-банкомат на нетранспарентно трошење на нашите платени даноци.