Се чини дека освен прошетките и работните појадоци, ручеци и вечери по Брисел, Охрид и по уште некој град, македонските политичари како буквално ништо да не учат од европските собраниски практики презентирани низ дијалогот „Жан Моне“, па со право се наметнува дилемата дали Европа залудно го троши своето време
Примерот на (не)функционирањето на највисокиот законодавен дом е слика на правната држава и владеењето на правото
Мали се надежите дека дијалогот „Жан Моне“ ќе успее да помогне во откочувањето на работата на македонското собрание, во кое и натаму остануваат заглавени над 130 закони, а партиските надмудрувања и калкулации и натаму се ставени пред интересите на државата и на граѓаните.
Форматот „Жан Моне“ всушност е замислен како средби меѓу претставници на Европскиот парламент и македонските политички лидери, кои се одвиваат далеку од очите на јавноста, а чија цел е да се одблокира политичкиот дијалог.
Намерата на Европа и овој пат е да помогне во подобрување на дијалогот на релацијата власт – опозиција, како и да придонесе за намалување на тензиите во нивните политички односи, со единствена цел да се овозможи ефикасна работа на Собранието.
Овој формат се користеше и при претходните собраниски блокади, кога исто се случуваа опструкции при носењето на новиот собраниски Деловник, кога се поднесуваа илјадници амандмани, кога се узурпираше собраниската говорница со молчење, кога не можеше да се обезбеди кворум, кога се узурпираше европското знаменце при носење одредени закони и многу други работи.
Се чини дека освен прошетките и работните појадоци, ручеци и вечери по Брисел, Охрид и по уште некој град, македонските политичари како буквално ништо да не учат од европските собраниски практики презентирани низ дијалогот „Жан Моне“, па со право се наметнува дилемата дали Европа залудно го троши своето време обидувајќи се да наоѓа решенија и да нуди искуства во ситуација кога некој тука постојано генерира проблеми.
Некои од аналитичарите сметаат дека иницијативите како процесот „Жан Моне“ се добредојдени, но не очекуваат дека тие ќе дадат некакви резултати со оглед на менталитетот на македонските политичари и нивната незаинтересираност да ги спроведат европските препораки.
– Секоја иницијатива како оваа (процесот „Жан Моне“) е добредојдена, иако не верувам дека ќе донесе битни и особено не битни/големи резултати. Па така, процесот „Жан Моне“ може само малку да ги помести и поттурне работите, но не може многу да ја смени ситуацијата бидејќи проблемите се многу подлабоки – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, партиските интереси и натаму остануваат приоритетни над државните и граѓанските.
– За жал, и натаму партиските и дневнополитичките интереси доминираат и иако се сите со полни усти зборови, фрази и реченици за „интересите на граѓаните“, „на државата“, „националните интереси“, во практика само и понатаму заглавуваме и тонеме во нефункционалност на институциите (од Собранието, па сè надолу), блокада на „системот“ и уназадување на повеќето (ако не и сите) фронтови, од меѓународната политика и позиција на Македонија, до економијата, која со вакво однесување во ковид-ситуација, неминовно ќе колабира – истакнува Кржаловски.
За директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, дијалогот „Жан Моне“ придонел многу околу усогласувањето на спротивставените ставови на партиите, но дека недостига ефектуирање на договореното.
– Дијалогот „Жан Моне“ придонесе многу за подобрување и усогласување на различните интереси на партиите во делот на деловничките измени и тој не е од сега, туку трае подолго време, меѓутоа конечно измените треба да се ефектуираат. Прва работа е деловничко ограничување на можностите за филибастеринг, втора работа дефинитивно е овозможување на Собранието да функционира онлајн, исто така треба дополнително да се размисли за ограничување на можностите за злоупотреба на европското знаме бидејќи видовме дека во неколку наврати тоа беше направено со некои претходни законски предлози и мислам дека еднакво државата, како и Собранието, го губи својот кредибилитет протуркувајќи закони по скратена постапка, со назнака дека се европски – вели Трошановски.
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики, смета дека процесот „Жан Моне“ е наменет да го унапреди работењето на Собранието и да ги подобри односите меѓу партиите, но дека тоа е процес на долг рок и резултатите не можат да бидат видливи веднаш.
– Процесите од типот „Жан Моне“ се наменети за унапредување на собраниското работење и односите меѓу партиите, пред сè, помеѓу мнозинството и опозицијата. Иако на прв поглед честопати сме разочарани од нивниот исход, логиката зад нив е дека обезбедувањето форум за комуникација помеѓу различните политички опции ќе има долгорочно влијание врз однесувањето на политичките елити и лидерство во земјата – појаснува Кацарска.