Сѐ уште нема конечно решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но двете страни се одлучни да продолжат да работат се додека не се пронајде, изјави кусо денеска во Њујорк медијаторот на Обединетите нации во преговорите меѓу двете земји Метју Нимиц, по разговорите со шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.
– Како што знаете имавме средба вчера и денеска, разговаравме еден и пол ден. Можам да кажам дека многу работевме. Прашањата се добро дефинирани, прецизирани. Можам да кажам дека ова беа преговори на кои многу работевме – рече Нимиц, по завршувањето на состанокот со двајцата министри.
Медијаторот истакна дека Димитров и Коѕијас заминуваат за Брисел, каде ќе продолжи дијалогот и додаде дека иако се уште нема конечно решение двете страни се подготвени напорно да работат за да го најдат.
– Преговорите се значително интензивирани, како што рекоа двете страни имаат важни позиции, во прашање се националните интереси. Двете страни ја препознаваат важноста од постигнување решение и се одлучни да го сторат тоа, додаде Нимиц.
Димитров и Коѕијас вчера речиси шест часа разговараа со медијаторот Нимиц, а денеска преговорите траеја околу два часа.
Двајцата министри вчера во пресрет на новата рунда преговори имаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на кои се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.
– Со визија и лидерство на двете страни имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор – порача Димитров по средбата со Гутереш.
Грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, пак, по средбата со генералниот секретар на ОН, спроти денешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и медијаторот Нимиц, изјави дека другата страна треба да покаже прагматизам и реализам за да најде решение.
Прашан дали од Нимиц очекува да достави синтетичен предлог од сето она што го доставиле двете страни, Коѕијас вели дека Грција го сторила тоа, но останува отворено прашањето со името.
– Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите, вели шефот на грчката дипломатија и објаснува дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.
Грчкиот премиер Алексис Ципра, пак, денеска од Солун порача дека Грција во преговорите не оди за да даде нешто.
– Не одиме за да го дадеме името Македонија, како што тврдат некои, одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години, рече Ципрас.
Ципрас смета дека името без одредница, „упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија“, а во преговорите Атина се стреми ова да го добие назад, нешто што според Ципрас, „не е лесно“.
Грчкиот премиер додаде дека е време двете земји да постојат заедно, да соработуваат и да живеат во мир во корист на целиот регион.
Средбата во Њујорк следеше по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на кои опцијата „Република Илинденска Македонија“ беше издвоена како најприфатлива.
Македонската страна пред средбата во Њујорк изјави дека останува на ставот дека тоа е добар предлог за конечно решение, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот – предлози од Нимиц.