Не можеме да очекуваме напредок и резултати од работата на јавниот сектор, доколку изборот на вработени не се одвива според предвидените квалификации за одредено работно место. Ова го истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на презентацијата на резултатите од проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“, во организација на Државната комисија за спречување корупција и „Транспаренси интернешнл“ – Македонија.
Николовски потенцираше дека непотизам и корупција при вработувањата во јавниот сектор имало секогаш и истото не може лесно да се искорени, но Владата е цврсто одлучна да ги употреби сите механизми за спречување на оваа појава во иднина.
– Не можеме да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистинските позиции. Во целиот процес за превенирање и откривање на корупцијата потребна ни е ефикасна и професионална администрација, на што во следните четири години ќе посветиме сериозно внимание – изјави вицепремиерот Николовски.
Во насока на превенирање на корупцијата и непотизмот при вработувањата во јавниот сектор, Николовски посочи дека на последната владина седница беше усвоен новиот Кодекс за етичко однесување на Владата и функционерите, кој предвидува значително построги правила и принципи во делот на отчетноста, не само на министрите, туку и за сите функционери, како што се директори на јавни претпријатија, агенции, АД во државна сопственост. Сите функционери до најниско ниво веќе поднесуваат изјави на интерес и имотна состојба. Но, сега задолжени да го прават истото ќе бидат и нивните советници, со цел да се спречи конфликтот на интерес и кај нив. Посебен член назначен од Владата ќе ја надгледува имплементацијата на Кодексот и ќе има право, доколку утврди непочитување, директно да го опомени функционерот, да му побара оставка и да предложи разрешување на седница на Владата.
Николовски истакна и дека во најкусо време ќе предложи и формира тим за следење и кратење на дискреционите права на министрите и директорите.
– Ќе се подготват измени во законите кои предвидуваат широки дискрециони овластувања. Реформата ќе биде крупна и капитална, најавувам дека со неа ќе се опфатат значаен број закони. За ова барам широка политичка поддршка од сите политички чинители, првенствено вклучувајќи ја опозицијата, но секако и невладиниот сектор како и целата експертска јавност – изјави Николовски.