СДСМ победува во Скопје и води во првиот круг од локалните избори, изјави вечерва Љупчо Николовски.
– Петре Шилегов ќе биде новиот градоначалник бидејќи води уште во првиот круг пред Данела Арсовска – рече генералниот секретар на СДСМ и шеф на централниот изборен штаб.
Тој нагласи дека во најмалку 25 општини води коалицијата предводена од СДСМ, меѓу кои Струмица, Крива Паланка, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Берово, Богданци, Кочани, Карпош, Центар, Пробиштип… Според Николовски, СДСМ има водство и во Маврово, Македонска Каменица, Чашка, Росоман, Ново Село, Лозово и на ниво на Град Скопје.
– Тоа што ВМРО-ДПМНЕ нерационално се обидува да конструира е лажна еуфорија е порака за политичката неукост на Мицкоски. Ова не е арена за навивање, ова е натпревар за подобар живот на народот во секоја општина. Локалните избори секогаш имаат втор круг. Затоа, кочи Мицко. Граѓаните знаат, СДСМ го има најголемиот коалиционен капацитет на политичката сцена – рече Николовски.
Петре Шилегов e во водство пред независната кандидатка Данела Арсовска во трката за избор на градоначалник на Град Скопје, покажуваат првичните резултати објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).
До 22.40 часот во системот на ДИК се обработени податоци од општините Сарај, Центар, Карпош, Чаир, Кисела Вода и Гази Баба кои покажуваат дека Шилегов има 37,59 проценти од гласовите, а Арсовска 34,15 отсто.