Самиот чин што доведува до оставка на премиер е знак за политичка криза, која доаѓа паралелно со кризата околу пандемијата, но и сѐ поголемиот недостиг и раст на цените на енергентите. Од таа гледна точка, влегуваме во една голема зона на неизвесности, која може да има и многу негативни последици, тврдат аналитичарите
Влегува ли Македонија во посериозна политичка криза, која може да се рефлектира врз повеќе сектори од функционирањето на државата, откако премиерот Зоран Заев изјави дека поднесува оставка на премиерската функција и на лидерската позиција во партијата, по лошиот резултат на СДСМ на локалните избори?
Ова е една од дилемите ден по вториот круг, особено што државата се наоѓа пред сериозен предизвик со веќе постојната здравствена и пандемиска криза од ковид-19 и со најавите за енергетска криза поради недостигот и поскапувањето на енергентите. Сите овие делови се како сврзани садови и меѓусебно поврзани во функционирањето на државниот апарат, за чие менаџирање е потребна функционална влада, подготвена за справување со предизвици.
Првичните оцени се дека изборните рефлексии ќе имаат одраз врз општеството, но прашањето е како да се надмине тоа.
Според последните информации, вчера премиерот Заев, кој најави оставка, ги повика претседателите или потпретседателите на партиите од актуелното собраниско мнозинство на првични разговори за следниот развој на настаните.
Универзитетскиот професор Нано Ружин посочува дека е јасно оти со самиот чин што дојде до оставка на премиерот е знак за голема политичка криза, со оглед дека паралелно одржуваме криза од пандемијата.
– Се најавува криза во енергетските ресурси, инфлација итн., нешто што не е
под контрола на државата, но таа мора да најде одбранбени механизми за да ги компензира. И тоа не е македoнски, балкански, туку светски феномен – додава Ружин.
Според него, лош е моментот кога владата е во оставка, што ги троши можностите да се локализираат алатките што успешно ќе се одлеат на овие надворешни инпути.
– Од една страна, политичката криза секогаш се отсликува со недоволна ударна моќ и солидарност на актерите што се во неа, а во овој момент треба политичко и кадровско единство на сите. Сето ова доаѓа во непријатен момент, влегуваме во една голема неизвесност, зона на неизвесност што може да има и многу негативни последици – додава тој.
Микробиологот Никола Пановски смета дека состојбата што ќе се случува со оставката на премиерот, секако дека ќе ја продлабочи здравствената криза наметната од пандемијата.
– Со оглед дека досега имавме изборна кампања и мерките за заштита беа ставени на минимум, можеби ќе се донесат нови позаострени мерки. Но не знам кој ќе ги носи одлуките. Ако останеме без министер за здравство, ќе биде неизвесна состојбата. Уште ако дојде некој нив министер што не е упатен, ќе му биде потребно време за приспособување – додава тој.
Според него, треба да се надеваме дека политичката состојба со формирање нова влада нема да трае со месеци, што ќе резултира и со сериозна криза во здравствениот систем.
Проф. д-р Антон Чаушевски од ФЕИТ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека за енергетската состојба се одговорни енергетските компании.
– Кризата може да се одрази во одолжување, спречување или овозможување субвенции на Владата за ублажување на последиците од енергетската криза по стопанството и населението. Ова значи дека може да се одложат некои можности за обезбедување средства за набавка на ресурси (јаглен, мазут) или гаранции од Владата и друго. Исто така, Регулаторната комисија за енергетика како независно тело донесува одлуки и решенија за некои понатамошни чекори во насока на ублажување на енергетската криза – објаснува тој.
Според него, политичката криза не може да влијае врз економската криза, зашто таа е меѓународна како во регионот така и во цела Европа.
– Јавните и приватните субјекти во енергетскиот сектор во Македонија соодветно на енергетската состојба реагираат во обезбедување дополнителни капацитети за производство на електрична енергија. Владата може само да помогне во обезбедување и покривање во дел од трошоците за снабдување јаглен и мазут за ТЕЦ Битола и ТЕЦ Неготино – додава проф. Чаушевски.
Во овој момент тој смета дека треба да се обезбеди гориво и да се оспособат постојните термоенергетски капацитети во Македонија за да се стават во погон.